„Нашите активности се насочени кон спречување на користењето пиротехника, но и кон откривање каков било криминалитет, од имотни деликти до разбојништва. Полицијата комуницира со граѓаните и ги следи состојбите на терен“, изјави министерот.
Министерството за внатрешни работи интензивира активности за подобрување на јавната безбедност пред новогодишните празници. Превентивните мерки вклучуваат намалување на користењето пиротехнички средства, засилено присуство во трговските центри и други места со зголемена фреквенција на луѓе, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тошковски, кој го посети пунктот на полицијата пред Сити мол, информираше дека минатата недела во Скопје биле запленети меѓу 30.000 и 40.000 пиротехнички средства. Спроведени се слични акции и во Валандово, Свети Николе и други градови, при што се поднесени соодветни пријави.