Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин – од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече Мицкоски во својот говор на 18-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Економската сила ја определува државната сила
Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз и да премине кон економија заснована на знаење, технологија и иновации. Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:
Индустрии базирани на знаење
Технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии – ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар.
Дигитализација и автоматизација
Модернизацијата на бизнис-секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет.
Силен домашен бизнис сектор
Домашните компании мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка: капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и стимули за раст. Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни.
Предвидлива фискална политика
Стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди, се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност.
Дигитална економија и зелени технологии
Интеграција на дигитални процеси, автоматизација и енергетска транзиција претставуваат стратешка приоритетна насока. Зелената економија не е идеолошки проект, туку државна потреба. Македонија мора да инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да ја намали зависноста и да создаде нова економска динамика.
Стабилноста и довербата се клучни за развој
Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија.
Вештачката интелигенција – новата глобална моќ
Вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ. Земјите што инвестираат во AI обезбедуваат економска, безбедносна, институционална и технолошка предност. Земјите што ја игнорираат остануваат зависни од туѓи системи, туѓи технологии и туѓи интереси. Македонија мора да престане да биде пасивен консумент на туѓа технологија и да стане активен учесник во новата интелигентна економија.
Нова политичка парадигма – „Државност 2030“
Мицкосски рече дека новата политичка епоха бара парадигма што ќе ја надмине логиката на транзицијата. Парадигмата „Државност 2030“ се темели врз три оски:
Институционална стабилност над политички циклуси
Продуктивност како национален приоритет
Идентитет + Европа: синтеза, не конфликт
Десет принципи на модерното државно водство:
Достоинство пред сè – политиката ја почитува вредноста на човекот и државата.
Правдата е единствениот легитимен авторитет – без неа нема држава.
Знаењето е највисоката форма на капитал – образованието е темел на иднината.
Државата мора да биде силна, но не и доминантна – силна во заштитата, умерена во контролата.
Нацијата е заедница на заедничка судбина – не етнички список, туку историска целина.
Пазарната економија создава можности, но мора да биде праведна – слободата бара одговорност.
Институциите се јадрото на демократијата – политиката доаѓа и си оди, државата останува.
Европската ориентација е цивилизациска определба – не тактика, туку вредност.
Технологијата и одржливоста се новиот облик на развој – зелената трансформација е пат, не опција.
Општеството се гради со доверба – без неа нема стабилност, единство, напредок.
Овој идеолошки кодекс, национален договор и нова парадигма ја оформуваат политичката мисла што ја води партијата во периодот 2025–2030. Тие го поставуваат патот кон Македонија која е:
суверена во идентитетот;
европска во ориентацијата;
стабилна во институциите и успешна во економијата, додаде Мицкоски.