Македонија МЕРМС

Меморандум меѓу Министерството за енергетика и Заводот за статистика: Точни податоци за силна енергетика

Со потпишувањето на овој Меморандум, поставуваме основа за долгорочна и продуктивна соработка која ќе резултира со подобрување на податоците, анализите и ефикасноста во процесите што ги движат енергетиката и економијата, истакна министерката Божиновска.

Меморандум меѓу Министерството за енергетика и Заводот за статистика: Точни податоци за силна енергетика

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков денеска потпишаа Меморандум за соработка, кој, како што е наведено, поставува основа за заеднички активности и иницијативи во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини.

Меморандумот, според Министерството, ја отсликува посветеноста на двете институции за унапредување на податоците и политиките, како и за поддршка на економскиот и енергетскиот развој во земјата.

Целта на овој Меморандум е воспоставување рамка за соработка меѓу двете институции, со цел ефикасни, релевантни и точни статистички податоци за креирање на политики и стратешко планирање.

-Со потпишувањето на овој Меморандум, поставуваме основа за долгорочна и продуктивна соработка која ќе резултира со подобрување на податоците, анализите и ефикасноста во процесите што ги движат енергетиката и економијата, истакна министерката Божиновска.

Директорот Станков додаде дека Меморандумот претставува значаен чекор за унапредување на статистичките податоци во областа на енергетиката, што е клучно за носење информирани одлуки и следење на трендовите.

Како што наведува Министерството, двете институции тесно ќе соработуваат за размена на податоци и информации со цел обезбедување ажурирани и точни статистички податоци за енергетскиот и рударскиот сектор, вклучувајќи производство, потрошувачка и извоз на енергија, како и релевантни податоци за обновливи извори на енергија.

-Оваа соработка ќе овозможи подобро разбирање на енергетските потреби и ресурси на земјата, што е од клучно значење за планирање и имплементација на енергетски проекти и иницијативи. Дополнително, ќе се поттикне транспарентноста и достапноста на податоците за јавноста, што ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите и нивните активности, стои во соопштението.

Најнови вести од Македонија

To top