Македонија Скопје

Меѓународен медицински симпозиум за иднината на превенцијата и лекувањето на ракот на грлото на матката

Посебно внимание беше посветено на влијанието на HPV инфекцијата врз гинеколошките тумори, при што беа презентирани резултати од истражувања за предиктивни биомаркери, скрининг на лезии, како и нови третмани за премалигни лезии кај бремени жени.

Меѓународен медицински симпозиум за иднината на превенцијата и лекувањето на ракот на грлото на матката

Настанот „Иднината на превенцијата и лекувањето на ракот на грлото на матката“, кој се одржа во Скопје,  постигна историски успех со својата прва акредитација од Европскиот совет за континуирано медицинско образование (EACCME®) и одобрувањето од Ethical MedTech, потврдувајќи го неговиот висок стандард и значење за медицинските професионалци во регионот и пошироко.

Организиран од професорот д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за колпоскопија и цервикална патологија, настанот привлече над 200 учесници од целиот Балкан, вклучувајќи ги Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Словенија, Турција, Бугарија, Романија, Шведска, Грција и Унгарија. Професор д-р Димитров изрази голема благодарност до сите учесници и предавачи од различни земји за нивното присуство и ангажираност, кои помогнаа да се постигне високото ниво на успешност на настанот.

Во текот на три дена, водечки експерти и специјалисти во областа на гинекологијата и онкологијата презентираа нови истражувања, методи на дијагностика и третмани за рак на грлото на матката, со фокус на превенцијата и раното откривање. Програмата на настанот вклучи сесии за напредна молекуларна дијагностика, колпоскопија, цитологија, вакцини против HPV и третман на инвазивен карцином на грлото на матката. Делегатите ги разгледуваа предизвиците на земјите од Балканот во однос на скринингот и вакцинирањето, како и прашањата за имплементација на примарна и секундарна превенција и управување со предканцерозни лезии.

Посебно внимание беше посветено на влијанието на HPV инфекцијата врз гинеколошките тумори, при што беа презентирани резултати од истражувања за предиктивни биомаркери, скрининг на лезии, како и нови третмани за премалигни лезии кај бремени жени. Беа одржани и специјални сесии за улогата на вештачката интелигенција во подобрувањето на здравјето на жените, управување со жлезни патологии и употреба на иновативни методи како 3D ултразвук во дијагностика. Настанот ги претстави и најновите трендови во лечењето со минимално инвазивни техники и имунолошки терапии, кои отвораат нови можности за пациентите и медицинските професионалци.

Со оваа акредитација од EACCME® и одобрувањето од Ethical MedTech, настанот постави нови стандарди за медицинско образование во регионот и претставуваше платформа за соработка меѓу експерти од различни земји. Овој успех отвора можности за понатамошни напори во борбата против ракот на грлото на матката и ја зајакнува улогата на Балканот како значаен центар за медицински истражувања и иновации.

Најнови вести од Македонија

To top