Со низа настани посветени на економската, политичката и општествената борба за рамноправност на жените, денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите за што говорат податоците дека е помал процентот на жени на раководни функции, а различно се вреднува и трудот меѓу мажите и жените за исто работно место.
Во Македонија, според податоците објавени на официјалната Фејсбук страница на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2023 година, во вкупниот број на вработени лица од 15 до 64 години повеќе застапени се мажите (56,2 проценти) во споредба со жените (43,8 проценти). Жените се најзастапени како медицински сестри, шивачки, сметководители, наставнички, економисти, продавачки и правни застапници. Помалку застапени се на работна позиција како келнер (11,9 процент) и сообраќаен полицаец (16,8 процент).
Статистичките податоци покажуваат и дека мал е бројот на жени на раководни позиции. Податоците содржани во публикацијата „Жените и мажите“ на Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупниот број работодавачи во 2021 година, само 19 проценти биле жени.
Жените исто така се значително помалку активни на пазарот на труд. Стапката на вработеност на жените во Северна Македонија во 2021 година изнесувала 38,3 проценти, односно 55,1 процент од жените биле економски неактивни во споредба со стапката на активно учество на мажите на пазарот на труд која изнесувала 56,2 проценти, додека стапката на неактивност била 32,8 проценти.
– Мажите се речиси подеднакво застапени на пазарот на трудот во руралниот и урбаниот дел од државата, додека од вкупниот број вработени жени, значително е помал бројот на вработени во руралните средини (37 проценти), пишува во публикацијата.
Исто така, 59 проценти од неактивните жени на возраст од 20-64 години се неактивни на пазарот на труд поради извршување на семејните обврски наспроти 2,3 проценти од мажите.
Во однос на образованието, статистиката вели дека од година во година на факултетите се запишуваат повеќе жени, а поголем е бројот на жени што се запишуваат на втор и на трет степен на студии. Овој сооднос се однесува и на завршените студенти на прв, втор и трет циклус.
По повод Меѓународниот ден на трудот денеска во Собранието на Северна Македонија ќе се одржи пленарна седница за улогата на жените во 10-тиот состав на Парламентот, а попладне Платформата за родова еднаквост под слоганот „Црвена линија:Правата на жените не се преговарање“ организира Марш за женските права.
Меѓународниот ден на жената – 8 март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк со барање за поголеми права, одржан во 1857 година. Обединетите нации почнаа да го чествуваат овој ден од 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир. Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените.
Чествување на овој ден се врзува со иницијативата за воведување на универзалното право на глас, односно овозможувањето и жените да гласаат на избори на почетокот на минатиот век, како и со активностите на работничките движења во Северна Америка и Европа. Првата регистрирана прослава на Денот на жената е на 28 февруари 1909 година во Њујорк во организација на Социјалистичката партија на Америка, а веќе од следната година се организирани и првите демонстрации и манифестации во Европа посветени на правата на жените.
Инспирирани од овие настани, германските делегатки, предводени од Клара Цеткин, на Меѓународната женска социјалистичка конференција одржана во август 1910 година во Копенхаген, предложија чествување на Ден на жената, иако во нивната иницијатива не беше посочен конкретен датум. Предлогот беше прифатен од страна на учесничките на Конференцијата со идеја Денот на жената да се искористи за промовирање на заложбите за родова еднаквост и за доделување на правото на глас на жените. По ова, веќе следната година на 19 март ширум Европа е организирано првото одбележување на Меѓународниот ден на жената со одржување на протести на кои е побарано воведување на право на глас на жените, овозможување тие да вршат јавни функции, како и спречување на половата дискриминација при вработувањето. (МИА)