Ќе упатам апел до Обвинителството дека крајно време е веќе да излезат со конкретни факти кој се огрешил, кој не се огрешил. Го повикувам и Министерство за финансии, експресно да ни одговорат за кадарот затоа што мора да ни дозволат тука да вработиме кадар. Идната година е изборна и да не останеме без кадар и да ги оставиме пациентите, изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити, при посетата во Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде е отворена предистражна постапка по наводите во јавоста за злоупотреби со терапиите.
Во однос на тоа дали ќе има терапија за наредната година во Клиниката за радиотерапија и онкологија, министерот Меџити посочи дека и да има можни задоцнувања, сепак ќе има терапија за пациентите на оваа клиника.
-Да бидат смирени. Еве тука ве уверувам дека пациентите ќе бидат под терапија, ќе има терапија, но дали може неколку дена да доцни терапијата, да, знаете тоа не зависи од нас има тендери, има јавни набавки максимални, нагласи министерот.
Тој исто така повика и на „олабавување на притисокот кон Клиниката за онкологија и за персоналот што работи таму“.
-Овој притисок и овој товар кон здравствените работници на клиниката за радиотерапија и онкологија е преголем. Навистина се соочуваат со макотрпна работа, а секој ден расте бројот на новозаболени. Ние не можеме да предвидиме точно со бројка колку ќе ни треба терапија. Затоа постојано работиме сите да бидат ставени под терапија, рече Меџити.
Директорката на Клиниката Виолета Клисаровска, во однос на тоа дали ќе се зголеми буџетот за терапијата, рече дека чекаат да бидат повикани од ФЗОМ за тоа прашање.
-Мислам дека сме во очекување во периодот којшто претстои да бидеме повикани во ФЗОМ во врска со преговори за идната година за буџетот. Ние веќе сме подготвени и ја имаме реалната потреба на нашата клиника во овој момент и со неа ќе настапиме во преговорите. Јас искрено верувам дека ќе се најде разбирање, изјави Клисаровска.
Министерот Меџити го потврди истото велејќи дека ќе се направи максимален напор и оти мора да има терапија.
-И буџет ќе има во моментот или пред тоа ние ги планираме работите, но не можеме до крај да ги планираме зошто секојдневно се дијагностицираат нови пациенти и расте нивниот број, додаде тој. (МИА)