Македонско друштво „Илинден“-Тирана денеска одбележува девет години од приемот и успешното претставување на Македонците во Федералната унија на европските националности, ФУЕН, највисоката малцинска организација во Европа.
-Точно пред девет години, на 15 мај 20015 година нашето друштво стана прво друштво од Република Албанија рамноправен член на ФУЕН, на конгресот што се одржа во Комотини, Грција, во организија на Федерацијата на западно тракиски Турци во Европа, Здружение на дипломирани студенти на Западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир, Партија на Турското малцинство во Грција, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Оценува дека во овој период друштвото дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во оваа земја.
-Покрај тоа, редовно учествуваме на сите конгреси на ФУЕН на кои поднесуваме резолуци чија содржина и цел е подобрување на животот и положбата на Македонците во Република Албанија и сите едногласно беа усвојувани. Тие се пратени до сите албански државни, како и меѓународни институции кои се поврзани со малцинствата. Задоволни сме што со овие резолуции се придонесе за подобрување на положбата на нас Македонците, посочува Ѓурѓај.
Нагласува дека друштвото во функција на рамноправен член и како дел од работната група на словенските малцинства во Европа при унијата, активно го покренувало и ќе го покренува прашањето за Македонците во Република Албанија на меѓунаротната сцена.
Изразува искрена благодарност до раководството на Федералната унија на европските националности за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Истовремено, од име на друштвото и од Македонците упати искрена благодарност до Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и претседателот Бил Николов.
-Благодарение на помошта што ни ја даваат, за да ја платиме годишната членарина и да останеме рамноправен член во ФУЕН. Посакувам да ни се множат јубилеите и пријателствата со сите народи и малцинства во Европа, посакува Ѓурѓај.