Здружението Инженери на Република Македонија поддржани и од група граѓани соопшти дека е упатен допис до секој пратеник поединечно, со барање да не се даде поддршка на неколку, како што е наведено, штетни предлог закони кои го нарушуваат енергетскиот суверенитет на Македонија.
Пред задутрешната седница на Собранието на Македонија на која е најавено да бидат поставени за усвојување четири предлог закони за реализација на стратешки инвестициски проекти, од здружението нагласуваат дека еден од карактеристичните е предлог Законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект наречен Митилинеос, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка. Со слични, многу штетни последици за иднината на Македонија се и останатите три предложени закони за стратешки инвеститори по скратена постапка, проектот наречен Соларен парк Стипион и истоимениот договор, потоа проектот АИМ Грин ТЕЦХ и, проектот Соларна електрична централа – Пехчево.
Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет.
Договорите кои се составен дел од овие четири предлог Закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија.
Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод истите проекти може нашата држава самостојно да ги реализира. Го анализиравме законот и договорот кои ќе ви бидат дадени на усвојување и во продолжение ќе ве запознаеме со штетите што би ги предизвикале законот и договорот за Митилинеос:
Гасна когенеративна електрана со електрична моќност од 165 MW чини околу 180 милиони евра (според сегашните пазарни цени), а во предлог законот е истакнат износ од 290 милиони евра.
1.Македонија зема обврска да му даден државна помош на Митилинеос од скоро 50 милиони евра.
2.За потребите на Митилинеос Владата зема обврска да изгради индустриска зона Енергија Скопје во кругот на Железарница Скопје на плацови што имаат површини од 115.000 м2, а чија вредност на чинење на самите плацови и инфраструктурно уредување за потребите на зоната (пристапни патишта, одводна мрежа за отпадни води, трансформатор, цевководи…., според наша проценка, изнесува околу 20 милиони евра), а кои на стратешкиот инвеститор му се изнајмуваат за симболична цена од само 10 денари/m2, при што Македонија се обврзува да врши одржување и обезбедување на индустриската зона.
3.Македонија, а не Митилинеос, по 2030 година ќе има обврска да плаќа околу 25 милиони евра годишно давачка за емисија на СО2.
4.Се обврзуваме дури и ако немаме потреба, на Митилинеос да му платиме за преземање на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија.
5.Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра со тоа што цените за електричната и топлинската енергија со која Договорот не обврзува да ги купуваме од Митилинеос се од 15 % до 35 % повисоки од берзанските.
6.Македонија ќе плаќа 10 пати повисока маржа од нормалната за производство на електрична и топлинска енергија бидејќи Митилинеос добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија (38 евра/MВч) и 4,4 милиони евра за топлинската енергија (16,2 евра/MWч), или вкупно над 48 милиони евра годишно.
Македонија ќе му плаќа на Митилинеос 4 милиони евра годишно за старт на постројката.
7.Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот Закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за Митилинеос, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија. Законот за јавни набавки не важи за Митилинеос и во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт и надлежност се дава само на Арбитражниот суд во Париз за било каков евентуален спор.
8.Предвидени се бројни пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на Митилинеос ако не исполни некоја своја обврска од предложениот Закон за стратешка инвестиција.
9.Митилинеос ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да и ја врати електраната на Македонија.
10.Постојат одлуки за кои последиците се краткорочни, но постојат и одлуки каде последиците се долготрајни и ги засегаат нашите поколенија. Набројаните штетни одредби се загрижувачки за енергетиката во Македонија која е столб на социјалната сигурност на населението и предуслов за развој на македонската економија.
Затоа со овој допис ви се обраќаме со искрена надеж дека вашата совесност, чесност и грижа за Вашите и нашите поколенија ќе влијае да донесете вистинска одлука за предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект Митилинеос когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, и останатите три предложени акони за стратешки инвеститори, односно да не ги поддржите овие закони.