Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), упати апел до Македонците во Албанија, да се изјаснат за Македонци, врз основа на законските одредби, тука и соодветната одлука на албанската влада, процес кој е во тек.
– Драги сограѓани Македонци во Република Албанија, ви се обраќаме со отворен и искрен повик, во момент од особено значење за афирмацијата на македонскиот идентитет, достоинство и права како автохтона македонска заедница во Албанија. Врз основа на Законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ од 2017 година и одлуката на албанската влада „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно да се самоидентификува, без притисок и без страв, како припадник на официјално признаено национално малцинство – стои во повикот.
– Ги повикуваме сите Македонци во Албанија без двоумење да се самоизјаснат, со пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување по пошта до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените постапки – се посочува во повикот.
Според партијата, процесот, кој е во тек, се темели на принципот на слободно самоидентификување, личните податоци се заштитени во целосна согласност со законодавството за заштита на приватноста и не постои никаков ризик ниту негативна последица за граѓаните кои ја изјавуваат својата национална припадност.