Министерот за правда Кренар Лога се надева дека Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава, но, рече, рано е да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови. Очекува претстојнава седмица Турција да ги земе нашите барања во постапката.
-Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Релативно брзо ние очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција, рече Лога пред почетокот на панел-дискусијата „Активирај се против насилство врз жените и девојките“ што ја организираше неговата партија Алијанса за Албанците.
Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски. Од Министерството пред два дена соопштија дека оригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол.
Барањето за екстрадација што министерот Лога го потпиша завчера доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.