Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани во Брисел ја потпиша Меѓународната спогодба за учество на Република Македонија во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (Citizens, Equality, Right and Values – CERV).
По повод потпишувањето на оваа значајна спогодба, Лимани ја потврди посветеноста на Владата на Македонија на основните европски вредности – демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
– Нашето вклучување во Програмата на Европската унија „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ не е само пристап до финансиски инструмент, туку суштинска можност за зајакнување на социјалната правда, институционалниот развој и граѓанското учество во Република Македонија. Со потпишувањето на Спогодбата за пристапување кон оваа програмата, Македонија станува рамноправен член со другите Земји членки на ЕУ во овој сегмент, рече Лимани по потпишувањето на спогодбата.
Пристапувањето во Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ е значаен чекор во усогласувањето со ЕУ-стандардите и интеграцијата на нашата земја во Унијата – таа директно придонесува кон исполнување на условите во Поглавјата 23 и 24. При тоа, беше нагласено дека, ова не е само процес на усвојување на законски решенија, туку пред сѐ трансформација на општествените вредности и создавање на поинклузивно, праведно и демократско општество.
Програмата обезбедува финансиска поддршка за граѓански организации, кои добиваат можност да аплицираат за грантови за проекти кои поддржуваат еднаквост, толеранција и човекови права. Преку Програмата се овозможува и институционална надградба. Владата и единиците за локална самоуправа можат да користат поддршка за подобрување на нивните капацитети во заштитата на фундаменталните права.
Програмата придонесува за промоција на недискриминацијата, засилена борба против родовата нееднаквост и насилството како и имплементација на препораките од Истанбулската конвенција.
– Само преку колективен ангажман можеме да гарантираме ефективна имплементација на реформите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ги повикувам сите институции и организации да ги искористат можностите што ги нуди Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“, да се вклучат во креирање одржливи решенија и заеднички да работиме на унапредување на владеењето на правото, заштитата на човековите права и јакнењето на демократијата во Македонија, порача Лимани од Брисел.