Едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, покажа дека 62 отсто од младите би се отселиле од Македонија доколку им се пружи шанса, а уште посериозно е што дури 77 проценти не би се вратиле назад во државата доколку се отселат, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на денешната конференција насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“.
Како фактори кои влијаат на овие нивни одлуки, како што рече министерот, се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.
– Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд, потенцира Лимани.
Тој истакна и дека презентацијата на резултатите од анкетата спроведена од Македонската студентска организација во Словенија и излагањата на студентите од Универзитетите во Словенија за тоа како младите гледаат на можноста да се вратат во својата земја за да бидат дел од општествената заедница се патоказите кои треба да ги следиме, ако сакаме да постигнеме успех во решавањето на овој предизвик.
– Следејќи го овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување таму, резултираше со креирање на конкретни политики и стимулативни мерки од страна на оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети на кои ќе работиме е отворањето на нови работни места за млади, кое може да се постигне преку поддршка за претприемништво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини, рече Лимани.
Министерот ги посочи и партнерства со приватниот сектор, поттикнување на инвестиции од домашни и странски компании, даночните олеснувања и субвенции, формирање на јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации, инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја, како дел од мерките кои ќе ги преземе оваа Влада.
– Сликата на заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе го замениме со нова слика. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата, посочи Лимани.
Тој на крајот на своето обраќање им порача на младите: „Нашите врати се отворени за вас, ајде заедно да ги креираме и реализираме идните младински политики.“
Конференцијата беше организирана од Амбасадата на Република Словенија, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.