КУРИР дознава дека Министерството за дигитална трансформација направило промени во алатката за правична застапеност на заедниците во институциите „Балансер“, при што нема да се зема предвид нерезидентното населението, односно лицата кои се попишани надвор од територијата на државата.
Од неофицијални извори, ова значи усогласување на алатката со Законот за вработени во јавен сектор и Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, каде што е предвидено дека и за алатката и за пописот, се земаат податоци за населението на територијата на Република Северна Македонија, а не лица кои беа спорно попишани во кутии со пасоши во Швајцарија, Италија и други земји.
Во август 2022 година Министерството за информатичко општество и администрација направи интервенција во онлајн калкулаторот балансер, без промена на Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност.
При ова земени се предвид податоците добиени од вкупниот број на попишани лица, резидентни и нерезидентни, спротивно на Законот за вработени во јавен сектор каде е предвидено дека се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија.
Во конкретниов случај ова значеше свесна и наменска манипулација, институционална злоупотреба, како и злоупотреба на службените овластувања со кои се компромитираше начелото за правична застапеност.