Македонија Околу 500.000 садници

Кумановската подружница на „Македонски шуми“ произведе садници за пошумување низ Македонија

И покрај одредени подобрувања, како воведување автоматско наводнување, процесот на контејнерско производство на садници сè уште во голем дел се одвива рачно. Постојат машини што можат значително да го забрзаат процесот и да го подобрат квалитетот на садниците.

Кумановската подружница на „Македонски шуми“ произведе садници за пошумување низ Македонија

Околу 500.000 садници биле произведени лани во Кумановска подружница на Македонски шуми, а ист број се планира и годинава, соопштија од подружницата на денешната прес-конференција. Дел од произведените садници биле распределени во други подружници, а значаен дел бил искористен за пошумување.

Раководителката на кумановската подружница на „Национални шуми“ Куманово, Катица Станковска Ристовска посочи дека расадниците во Куманово и во Свети Николе традиционално се меѓу најголемите во рамки на јавното претпријатие, со најобемно производство и дополнителна обврска да обезбедуваат садници за пошумување во други региони.

Во изминатата година подружницата активно учествувала во меѓународен проект за санација на ерозивно подрачје над браната Липково, каде што биле пошумени околу 56 хектари. Акцијата била реализирана со вработените на кумановската подружница.

-Успешно го завршивме проектот и добивме одлични оценки од надворешни субјекти-изјави Катица Ристовска-Станковска, раководител на подружницата.

За тековната година се предвидени подготовки за есенско пошумување на опожарени површини во реонот на селото Стрезовце. Паралелно, ќе се спроведуваат и контроли на претходно засадените садници за да се утврди нивната долгорочна успешност.

-Првичните проценки покажуваат околу 90 проценти успешност, но потребно е време за да се утврди реалниот опстанок на садниците-посочи Ристовска-Станковска.

И покрај одредени подобрувања, како воведување автоматско наводнување, процесот на контејнерско производство на садници сè уште во голем дел се одвива рачно. Постојат машини што можат значително да го забрзаат процесот и да го подобрат квалитетот на садниците.

-Се надеваме дека во наредниот период ќе се преземат чекори за модернизација-нагласи раководителката.

Експертите потенцираат дека природната обнова на шумите трае 50 до 100 години, па пошумувањето со автохтони садници е клучна мерка за намалување на ерозијата и ублажување на последиците од климатските промени. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top