Собранието денеска со 76 гласа „за“ го усвои Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, предложен од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
– Со овој закон се исправа една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, донесени од претходната власт, со кои беа ублажени казните за корупција, беа избришани клучни одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил – изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, новите законски решенија ја враќаат суштината на казнената политика – превенција и репресија против корупцијата и организираниот криминал, ја зајакнуваат надлежноста на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и постапуваат согласно забелешките содржани во Извештајот на Европската комисија за 2023 година, како и согласно Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година.
– Со законот се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали, се зајакнува заштитата од родово-базирано и семејно насилство согласно Истанбулската конвенција, се проширува примената на проширената конфискација и се прави доусогласување со законите поврзани со проектот „Safe City“. Ова е јасен доказ дека кога постои политичка волја, државата може да се движи напред – рече Лефков и додаде дека со денешното гласање, Собранието испратило јасна порака дека борбата против корупцијата нема алтернатива, а правдата мора да биде еднаква за сите.