Конститутивна седница на Советот за социјална сигурност се одржала денеска, на која за негов претседател бил избран Фиданчо Стоев од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека целта за формирање на Советот е заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија и преземање мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.
Во поздравното обраќање на седницата, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакнал дека заложбите на Владата за подобрување на животниот стандард на пензионерите се јасни, со оглед дека Владата го започнала својот мандат со зголемување на сите пензии за 2.500 денари во септември 2024 година, како и со наредно зголемување во ист износ што се очекува во март 2025 година.
-Со зголемувањето во септември 2024 година, најниската загарантирана пензија достигна 15.692 денари и се очекува во март наредната година да стане 18.192 денари, додека просечната пензија во септември стана 23.758 денари и во март 2025 година се очекува да стане околу 26,258 денари. Со ова зголемување посебно придонесовме за подобрување на стандардот на пензионерите со најниски пензии, кои материјално се најзагрозени категории на граѓани, истакнал Велковски.
Посочил дека покрај зголемувањето на пензиите, се воведуват и мерки и корекции на системот за подобрување на положбата на пензионерите во државата.
-По поздравното обраќање на заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Советот за социјална сигурност продолжи со работа и за претседател на Советот беше избран Фиданчо Стоев од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, се наведува во соопштението.