Поранешното лево крило на македонските шампиони Металург и Вардар, косовска Приштина како и хрватскиот Умаг, како и на кадетската и младинска репрезентација на Македонија, Мартин Клинчаров, е новиот претседател на Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Во ексклузивно интервју за КУРИР, со Клинчаров разговаравме за неговите планови, приоритети, идни соработки и начини за решавање на проблемите.
Како искусен спортист и љубител на спортот добро ги знае слабостите во системот, а како вреден работник го знае и начинот за нивно решавање.
КУРИР: 37 спортски федерации и општински спортски сојузи, членки на собранието на ССФМ, Ве избраа за претседател на Сојузот на спортски федерации на Македонија. Што значи за вас оваа доверба која ја добивте?
Клинчаров: Најнапред благодарам за интересот и за времето и просторот кој го одвојувате во Вашиот медиум. Во однос на прашањето, кога сте единствен кандидат за претседеталското место на така голема организација со голема традиција, иако нејзиниот полн капацитет во минатото не бил целосно искористен, а кога на тоа ќе се додаде и фактот дека од вкупно 51 членка на Сојузот, 37 присутни на изборното Собрание едногласно ќе ви ја дадат довербата, тогаш тоа претставува чест, но истовремено и голема одговорност за сериозна посветеност, но ставање на Сојузот на спортски федерации на едно малку повисоко ниво во спортската институционална хиерархија, со што националните спортски федерации, но и општинските спортски сојузи ќе можат подобро да комуницираат со Министерството за спорт како ресорен орган, во насока на обезбедување на подобри услови за реализација на годишните програми, а се во насока на постигнување на подобри резултати и подобро претставување на Република Македонија на светските спортски борилишта.
КУРИР: Тоа што имате искуство како спортист, контакти меѓу колегите од повеќе спортови и досегашна соработка со многумина е доказ дека од “прва рака“ ги знаете сите проблеми кои чекаат решавање. Кои се вашите приоритети?
Клинчаров: Проблемите во спортот се одамна детектирани и се разговара за нив, ама за жал тоа не е на она ниво на кое ќе може и да се носат заклучоци и да се бараат решенија. Барем до сега. Веројатно тоа се должи на фактот што досега Агенцијата за млади и спорт немаше ингеренции и законски можности да се впушта во некои посериозни и посуштински промени на структурата и поставеноста на спортот, иако имало неколку обиди за тоа, посебно во периодот 2006-2016 кога се направи многу на полето на инфраструктурата, спортски сали, мултинаменски игралишта, Скопје ја доби арената „Борис Трајковски“ и арената „Филип Втори“, денес „Тоше Проески“, и тоа резултираше со постигнување на најголемите спортски успеси на државата, посебно во колективните спортови.
Сепак, суштинско решение и ставање на спортот во рамка и давање на правец во која насока треба да се развива, изостана бидејќи стратегијата за развој на спортот во Македонија остана само тема на дискусија без конкретна реализација. Последниве 6-7 години за тоа и воопшто да не се разговараше, а „Ваучер системот“ дополнително ги извади на површина сите проблеми кои федерациите и спортот во Македонија генерално ги имаат.
Со добивањето на сопствено Министерство за Спорт, мислам дека спортот во Македонија ќе го добие своето заслужено место, со што повторно ќе биде наш најголем амбасадор во светот. Затоа сум сигурен, а и познавајќи го министерот Ристовски и неговиот карактер, уште од нашите играчки денови, дека ќе се посвети и на санирање и подобрување на постојната инфраструктура, но и на подобрување на законските решенија за спортот и сериозна и научна дискусија и имплементирање на таа стратегија за развој на спорот во Македонија како основна и појдовна точка кон регрутирање на децата од училишните клупи, нивно запознавање со спортот одблиску, создавање на здрава младина па се до врни професионалци и освојувачи на медали за Македонија.
КУРИР: Најавивте соработка со Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски за големи традиционални настани кои изминативе години не беа третирани како што заслужуваат. Што точно планирате да биде превземено?
Клинчаров: Соработката со Министерството за спорт и министерот Ристовски е неминовно, со оглед на фактот што Сојузот е финансиски зависен, односно не остварува сопствени приходи. Во однос на реализација и организација на големите традиционални настани, Сојузот на спортски федерации ќе ја има улогата на организатор/поддржувач во соработка со ресорните спортски федерации, со оглед на фактот што сега Министерството како субјект нема/не може директно да одвојува финансиски средства за организација на овие настани како што тоа беше пример со Агенцијата за млади и спорт во минатото.
Во однос на тие традиционални манифестации, точно е дека изминативе години многу малку или воопшто не беа третирани на нивото кое го заслужуваат и за значењето кое го имаат за државата. Така, сите се сеќаваме на оној период пред 4-5 години кога Охридскиот пливачки маратон воопшто и не можеше да се одржи и со промената на локалната власт во Охрид и доаѓањето на Кирил Пецаков на местото градоначалник на Охрид да ја преземе организацијата врз себе, и на некој начин да го спаси маратонот и да ја продолжи традицијата, што за една држава, во тој момент беше поразителен факт. Да не спомнувам дека Струшкиот ракометен турнир со години „на шкрги“ функционира, со константно менување на здруженија кои се јавуваа како организатори заради финансиски проблеми, а сето тоа се одразува на квалитетот на турнирот. Истото е случај и со Златен Гонг, Македонски Бисер, ИКАС….
Идејата е да ги вратиме на спортската мапа, пред се овие големи и традизионални настани кои не само за Македонија туку и за регионот имале посебно значење. Нормално, тоа без ресорните спортски федерации не е возможно и ќе треба нивно комплетно ангажирање, а тоа значи прво тие да бидат на здрави нозе, со здрава структура. Ме радува фактот што во боксерската федерација има нови и позитивни промени, а позитивни вести доаѓаат и од пливањето каде верувам дека и тие во скоро време ќе бидат повторно функционални и оперативни. Впрочем, овие настани се важни за промоција и развој на спортот во Македонија, но исто така се важни и за промоција на државата во светот и развој на спортскиот туризам и промоција на туристичките центри низ Македонија.
КУРИР: На врвот на вашите приоритети, како што беше посочено при вашиот избор, ќе биде работата со лицата со попреченост и Даунов синдром. Која е вашата цел да се постигне во оваа насока?
Клинчаров: Лицата со попреченост и Даунов синдром и досега имале посебно место и програма во рамки на Сојузот на спортски федерации и интенцијата е тоа да го одржиме и надградиме во периодот што следи. Да ги задржиме оние настани на кои тие традиционално учествувале во државата и странство, но и да се обидеме да организираме и нови такви настани, посебно за најмладите, бидејќи спортот е она што спојува, а на лицата со попреченост и Даунов синдром им треба нашата поддршка, а сметам дека спортот е одлична можност да се покаже дека со вистинска шанса, верба во себе и другиот, работа и труд нема пречка која не може да се премости.
Ви благодарам уште еднаш за одвоеното време и простор, и би сакал да ја искористам оваа прилика на сите читатели на Курир и граѓани на Република Македонија да им ги честитам Новогодишните и божиќните празници, со искрени желби за повеќе здравје и среќа. Да имаме подобри спортски резултати во 2025 година и повеќе можности за радост.