Една година по убиството на малата Вања, во интервју за КУРИР криминологот Ленин Јовановски вели дека и по 12 месеци од настанот кој ја потресе Македонија останува на првичните сознанија и заклучоци за грозоморниот случај, очекувајќи конечен расплет на овој немил настан – што подразбира да се дојде до вистинскиот мотив и нарачателот на егзекуцијата.
-Најнапред, сакам да кажам дека ништо од она што го констатирав и споделив со јавноста не би го корегирал воопшто и во целост стојам на истото. Сето тоа беше базирано врз основа на одредените факти кои беа изнесени на онаа несреќна прес конференција на која тогашниот министер за внатрешни работи во јавноста сподели одредени факти до кои е дојдено од истрагата на МВР, крајно непотребно и непрофесионално, уште повеќе што директно беше посочен и извршителот на свирепото убиство. Она што исто за мене беше запрепастувачки е како од прибраните докази беа искажани сосема нелогични констатации кои само направија дополнителна конфузија, а тоа беше првиот повод да се обратам на јавноста со она што е единствено можно да се претпостави врз основа на утврдените факти од истражната постапка. После тоа мое обраќање можевте да ги слушнете и другите екперти од областа на криминологијата, па и оние надвор од Македонија кои се позанимаваа со тој случај и кои ги потврдија, а некои и ги цитираа моите констатации како единствено можни при едни такви околности, вели Јовановски.
Јовановски и понатаму тврди дека не е логично мотивот за убиството на Вања да е користољубие. Според него, би можеле да постојат два мотиви и тоа едниот одмазда, а другиот замолчување.
-Со оглед дека не сум бил дел од истражниот тим, ниту подоцна имам добиено било какви други информации, ете и година потоа не би можел да додадам ништо друго и ништо повеќе, а во очекување сум конечниот расплет на овој немил настан што сериозно ја потресе целата јавност тука и надвор од Македонија, да ги потврди тие претпоставки и да се дојде до вистинскиот мотив и нарачаелот на егзекуцијата, кој се уште мислам дека не се познати. Што се однесува до тоа дали има форми на користољубие, јас и понатаму тврдам дека нема таков мотив, ако веќе се познати припремата, времето, постапките и начинот на самата егзекуција. Според мене има два можни мотиви, едниот мотив е освета, а другиот замолчување, смета Јовановски.
Според него, ладнокрвноста, добивањето на информацијата “од внатре“ дека е под истрага посочениот егзекутор, кој како таков е во функција на одредени служби.
-Комоцијата на посочениот егзекутор, кој според мене како таков е во функција на одредени служби, кој сигурно не му е прва и единствен егзекуција, ќе се констатира од неговото однесување, пред, за време на чинот и потоа. Тоа се класични и вообичаени однесувања и дејства, на лице од таков формат и до сега се оди како по книга како што тоа бива во вакви околности. Ладнокрвноста, добивањето на информацијата “од внатре“ дека е под истрага, правњето простор во време со бегството и типот на луѓето кои при тоа дејство го придружувале, дестинациите на двжењето и самото предавање јасно укажува дека неговиот ментор делумно (но во битен дел) му ја откажал гарантираната заштитата која претходно ја имал, додава магистерот по криминологија и тероризам за Курир.
Јовановски меѓудругото смета дека таткото на Вања нема дирекна вмешаност во случајот и дека е употребен, односно злоупотребен од егзекуторот, а исто така дека и помагачите не ги знаат вистинските мотиви и нивните искази во врска со тоа се базираат само на она што им било кажана од егзекуторот.
-Одговорите за вмешаноста на други лица (моќници) е евидентна и од ова претходно што го кажав, но одговорите лежат во егзекуторот и секако распитот, изјвите и сознанијата на семејството се кључен фактор за дознавање на вистината. Кога сум кај смејството сакам да кажам исто така мое мислење од она што ми е познато, а тоа е дека јас сметам таткото на Вања нема директна вмешаност туку дека истиот е употребен, односно злоупотребен од егзекуторот и нема свесна вина во целиов случај. Исто така помагачите во грабнувањето и егзекуцијата сметам дека не ги знаат вистинските мотиви и нивните искази во врска со тоа се базираат само на она што им било кажана од егзекуторот, што не значи дека тој им ја кажувал вистината. Тие се релевантни само за она што во што директно учествувале и како очевидци во тоа дејство, вели криминологот Јовановски.
Факт е дека е извршено грабнување и свирепо убиство и за тоа верувам дека се обезбедени доволно докази, но ќе остане една голема празнина и случајот не ќе е докрај разрешен ако не се утврди вистинскиот мотив и нарачателот на тоа убиство, а со оглед како се води од старт целата постапка и како се наведува случајот на мотивот користољубие, без притоа да има ниту еден релевантен елемент за такво нешто, смета Јовановски.
-Цврстите докази се една работа и дека ќе има рзрешница врз основа на тие докази не е спорно, но од она што беше видено и случено до сега и како се интерпретираат доказите и кои заклучоци се изнесоа до сега, јас лично ги сметам за погрешни. Факт е дека е извршено грабнување и свирепо убиство и за тоа верувам дека се обезбедени доволно докази, но ќе остане една голема празнина и случајот не ќе е докрај разрешен ако не се утврди вистинскиот мотив и нарачателот на тоа убиство, а со оглед како се води од старт целата постапка и како се наведува случајот на мотивот користољубие, без притоа да има ниту еден релевантен елемент за такво нешто, сметам дека ако се остане на тоа, значи дека се намера да се реши и од таму е мојот сомнеж за големата моќ на оној кој за жал ќе остане сокриен после се. Ако вистинскиот мотив не се обелодени, граѓаните ќе имаат причина понатаму да стравуваат за сопствените животи и животите на своите деца. Кога во убиства , бизнис елиминации и друг вид егзекуции директни извршители се луѓе т.н. новинари, политичари, бизнисмени… кои поддржани од разни фактори, добиваат простор во медиумите да креираат јавно мислење , да имаат политички и економски влијанија, да се дел од криминалот во службите, коруптивноста и сервилноста на судството, како аномалии од најстрашен облик и да се практика во едно општество, граѓаните и тоа како треба да се загрижени и уплашени , но и одговорни да превземат конкретни дејства за да се заштитат пред се себе си, зошто сето ова опасно демне над секој од нас, констатира Јовановски.
Јовановски уште лани на својот Фејсбук профил напиша дека во случајот со убиството на Вања мотивот не е „користољубие“, затоа што не постоело конкретно дејство на уцена и изнуда, а девојчето е киднапирано за да биде егзекутирано.
Ќе си дозволам како магистер по криминологија да кажам мое мислење врз основа на ова што го слушнав од нашите официјални лица :
1. Ова убиството нема форми на “користољубие”
2. Не постои конкретно дејство на уцена и изнуда.
3. Девојчето е киднапирано за да биде егзекутирано.
4. Причината за тоа може да биде, дека таа нешто знаела, била сведок на нешто што можело да упропасти нечија кариера бизнис или живот, можеби сакала да обзнани нешто, можеби била злоупотребена од некоја битна (моќна) фаца или сл.
5. Телото мора да биде на детална и професионална обдукција под независен и сигурен надзор од повеќе лица, за да не се остави простор дека ќе се прикрие нешто што може да даде вистински показатели за причините за убиството.
6. Признанијата на учесниците не смеат веднаш да се земат здраво за готово без разлика колку и да соодветсвуваат со некакви материјални докази зошто истите можеби да се и така наместени да изгледаат баш така. Нивните искази во побитниот дел се сведуваат дека така им кажал егзекуторот (планерот) , а тоа никако не мора да значи дека тој им ја кажувал вистината.
7. Не е ништо толку едноставно, ниту лесно и наивно, да се убиваат луѓе , а извршителот првото убиство многу повеќе денови , а второво (малолетно девојче) три дена откога е егзекутирана, убиецот да функционира нормално и мува да не го лази. Тој се чувствувал многу сигурен и доволно безбеден и си функционира како и секој друг ден, а таков може да биде само и само ако нарачателот или оној за кого работи е многу моќен за да му ја обезбеди таа комоција.
8. Да имате храброст да егзекутирате втора жртва со возило кое е сопственост на веќе убиено лице по кое полицијата трага мора да произлегува од висока моќ.
9. Да вмешаш толку сведоци (непрофесионалци) кои брзо ќе “пропеат” и да оставиш толку видливи траги (пред камери и сл.) мора да си сигурен дека тоа никој нема да го гледа.
10. Треба да се бара нарачателот, тој е најбитниот во овој случај, актерите се повеќе или помалку ете сите тука.
Има уште многу прашања , има уште многу за докажување и ова не смее да заврши само на исказите на двајца учесници кој очигледно се најмени и не биле и сеуште не се ни свесни самите во што се сплеткани и за што точно ќе бидат употребени.
Јас кажав!, објави тогаш Јовановски на својот Фејсбук профил.