Македонија

Јаневска: Законот за високо образование за краток период ќе биде пуштен во владина постапка

Јаневска: Законот за високо образование за краток период ќе биде пуштен во владина постапка

Законот за високо образование веќе е во крајна фаза и за релативно краток период ќе биде пуштен во владина постапка. Многу од забелешките за кои сметавме дека се конструктивни и кои го подобруваат текстот на законот ќе бидат прифатени и тие веќе се внесуваат во самиот текст – изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Таа посочи дека некои од забелешките навистина не се оправдани.

– На пример, во процесот на отчетност на универзитетите кон државата или во ингеренциите на Националниот совет, иако и таму направивме некакви минимални корекции, тука ние не се согласуваме и работната група за последен пат уште еднаш ќе се сретне и ќе донесе дефинитивна одлука. Направени се многубројни корекции и се надевам дека сите ќе бидат задоволни – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на резултатите од истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“, спроведено од Бирото за развој на образованието.

Таа истакна дека мала група професори бараат повлекување на законот и претпоставува дека тоа е од страв дека не може во иднина да ги исполнат условите што законот ги бара.

– Имаат две можности како научници, како академски граѓани, како крајно восоко ниво на свесност, луѓе што имаат одговорност да создаваат стручен кадар, но и одговорен граѓанин, значи првата можност е сериозно да се фатат за работа. Втората можност – да останат во истото звање подолго време, па потоа кога ќе бидат подготвени, да одат во следното звање. Оттука ништо не губат, туку со одредено темпо, побрзо или побавно, да стигнат до целта. Бидејќи таа група е многу мала, бидејќи законот им дава можност, не мислам дека на толку голем труд едногодишна работа на многу луѓе со најдобра намера за подобрување на квалитетот во образованието, би требало да одиме чекор наназад и да го направиме она што тие го бараат – рече Јаневска.

Најнови вести од Македонија

To top