Промени што ги прави Министерството за образование и наука имаат за цел поквалитетно образование, што е најважното барање на секоја средба со различни младински организации. Гласот на младите се слуша во Министерството за образование и наука. Tие се вклучени во креирањето на образовните политики и во носењето на одлуки кои засегаат.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на Владината средба на високо ниво предводена од децата, на одбележувањето на Светскиот ден на детето. Годинава, средбата се организираше под слоганот „Слушнете ја иднината“ и се фокусираше на трите мега-трендови што ја обликуваат иднината на децата: климатска и еколошка криза, напредни технологии и демографски промени.
Училиштата, во рамки на наставните и воннаставни активности, спроведуваат различни активности вклучително и практична работа, кои ја подигнуваат свесноста на учениците за важноста од заштита на животната средина и влијанието на климатските промени, рече министерката, додавајќи дека преку капитални инвестиции, кои се во тек во 36 училишта, тие се трансформираат во современи и енергетски ефикасни објекти, дел добиваат нови фасади и екосистеми за греење, што е една од мерките за почист воздух и помало загадување.
Поврзано со влијанието на напредните технологии врз децата, Јаневска посочи дека технологијата нуди многу можности, но секогаш можностите доаѓаат заедно со ризици.
„Затоа планираме етапно воведување на вештачката интелигенција во образованието. Паралелно, предвидено е над 95% од наставниците до крајот на 2027 година да бидат високо обучени за дигитални вештини. Оптимизацијата на училишната мрежа, освен што ги решава предизвиците поврзани со демографските промени, решава и дел од предизвикот за надминување на дигиталниот јаз, зашто наместо неколку деца да учат во полураспаднато рурално училиште, ќе се овозможи да учат во соседно, подобро опремено училиште, каде ќе имаат можност за дигитално описменување“, одговори Јаневска, додавајќи дека преку темата за медиумска писменост, учениците стекнуваат вештини како да препознаваат и како да постапуваат во ситуации што можат да водат до злоупотреби на нивните лични податоци, со сајбер-малтретирање, онлајн предатори и изложеност на несоодветни содржини, при користењето на напредните технологии.
За, како што рече, најголемиот ризик по учениците во ова време – тие да не бидат во тек со технологијата, Јаневска укажа дека Владата и Министерството за образование и наука се залагаат за поголемо вклучување на СТЕМ образованието (наука, технологија, инженерство и математика) како подготовка на учениците за иднината водена од напредни технологии.