Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев денеска присуствуваше на презентацијата на националната македонска интервентна пожарна која се одржа на армискиот полигон Криволак.
Јанев истакнува дека уникатен состав од борбени возила на полицијата и армијата од денеска повторно се ставени во служба на државата.
-Овие возила, кои со години беа оставени на маргините, нефункционални и заборавени, вратени се во живот благодарение на знаењето, вештината и ентузијазмот на припадниците од Единицата за брзо распоредување, поддршката на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, како и одговорноста на македонските компании што веруваат во заедничкото добро. Беа презентирани 38 теренски возила, подготвени за интервенции на тешко пристапни и планински терени – подготвени да одговорат на огнената стихија, но и на секој предизвик кој бара брза, обучена и лојална реакција, посочува тој.
За директорот на БЈБ, ова е повеќе од техничко достигнување – ова е чин на љубов кон татковината и показател дека ништо не е загубено ако постои волја, знаење и срце за Македонија.
-Сите возила ќе бидат управувани и сервисирани од активни припадници на ЕБР – наши херои во сенка, кои се подготвени да се исправат пред најопасното за да го заштитат највредното. Ова не е само победа на техниката – ова е победа на духот. Полицијата и понатаму останува таму каде што е најтешко, таму каде што државата се брани – со срце, со чест и со љубов кон својот народ. Македонија чекори напред со сопствена сила. Гордо, обединето и подготвено, нагласува Јанев.