Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, беше гостин во НАТКАСТ на КУРИР кај Љупчо Цветановски. Со него разговараа за многу значајни теми, а се отвори и темата за обвинуивањата од Бугарија дека во Македонија не се гради.
Фактите кои тој ги презентираше го говорат спротивното – Македонијаима проект, финансии и работа на терен, а на бугарска страна – ништо.
-Градежништвото е многу добро затоа што е сурово вистинито. Во економијата може да се дебатира многу околу тоа дали каматата е ниска или висока, во правото дали ќе се толкува на овој или оној начин. Самото градежништво не остава простор за многу различни мислења. Во моментов, ние како држава градиме кон Бугарија, ја работиме втората фаза. Има три фази, едната е Куманово-Бељаковце која е завршена, Бељаковце-Крива Паланка се работи сега и популарната и спорна точка е поврзувањето од Крива Паланка до граница. Ние го работиме ова. Бугарската задача е да ги поврзе 500 метри до граница и да проектира и да влеземе заеднички, таму има едно брдо на чија средина е нашата граница. Ако ние потрошиме пола милијарда и го сработиме тунелот, ќе дојдеме до половина, а Бугарија не ја отвори другата половина, ние залудно сме потрошиле сериозно големи пари и такво нешто не сакаме да направиме, истакна тој.
Ивановски оцени дека пругата во Бугарија од Софија до нашата граница е во прилично лоша состојба и дека тие мора да ја рехабилитираат и да ја стават во возна состојба.
-Ние имаме спремен проект за делот до Бугарија до граница и го работиме вториот дел. Бугарија нема спремно проект и не работи на терен. До толку е едноставно. Јас праќам писмени покани до Инфраструктура Бугарија, ги канам на состанок, да ставиме еден вид на печат на техничките предизвици, да имаме спремни, усогласени мислења. Па по решавање на политичкиот дијалог, да почнеме веднаш со работа. На тие не добиваме повратно. Лесно е да се процени – ние имаме спремен проект, имаме обезбедени финансии и го работиме делот кон Бугарија. Во Бугарија во моментов, за жал, нема никакви градежни работи кон граница со Македонија, истакна Ивановски.