Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, годинава подготовките ги почна порано од вообичаеното. Традиционалниот марш по повод еден од најголемите македонски национални празници – Илинден, ќе се одржи по 46. пат.
Причина за овие подготовки, како што информираат од Здружението, е огромниот интерес за учество на Илинденскиот марш, и тоа не само од Аеродром туку и од други општини и градови, како што се Кичево, Маврово и Свети Николе, така што се очекува традиционалната манифестација годинава да биде многу помасовна. Право на учество во маршот имаат сите заинтересирани мажи и жени од цела држава на возраст од 16 до 76 години, а досега покрај аеродромци, има пријавени коњаници од Кичево, Маврово и Свети Николе. Рокот за пријавување е до 30 јуни.
Коњичкиот марш стартува од паркот „Јане Сандански“ во Општина Аеродром кога на коњаниците им се предава општинското знаме, а крајната дестинација е Крушево, каде што треба да стигнат на 2 Август. Коњаниците придружувани од фаланга и играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатуваат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.
Пред испраќањето на илинденците, секоја година се одржува свечена литургија, по што традиционално се организира и богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.
Општината и оваа година финансиски ќе го поддржи Илинденскиот марш како една од најголемите и најзначајните манифестации во Аеродром, со што се негуваат традицијата и македонската култура.