Победата на Македонија над Летонија од 3-0 на гости уште еднаш ја израдува фудбалската јавност кај нас. Овој позитивен резултат ја зацврсти Македонија на чело на табелата во својата група во Лигата на нациите и тоа повторно ги зголеми апетитите на фудбалската јавност. Во таква ситуација, од исклучителна важност е прашањето каде е тука македонскиот фудбал.
Каква е актуелната слика, кои се перспективите, кога повторно ќе се појавиме на големата сцена, се само дел од прашањата на кои Нова Македонија побара одговор од Игор Кралевски, долгогодишен фудбалер со успешна домашна и меѓународна кариера, а потоа извесен период и тренер на младите категории фудбалери.
Неговите први фудбалски чекори ги направи во младинската школа на ФК Вардар, а како професионален играч кариерата ја започна во Цементарница 55, а потоа преку Македонија ЃП и Работнички, прави трансфер во сплитски Хајдук, за подоцна да замине во рускиот клуб Луч Енергија. По враќањето во земјата, повторно игра за Македонија ЃП, а потоа во Металург а кариерата ја завршува во Тетекс. За македонската репрезентација има три настапи.
-Кога зборуваме за домашниот фудбал природно е да правиме паралела со другите држави. Побогатите држави и оние со поголемо фудбалско искуство имаат големи можности за развој и успех, а ние би требало да ги користиме нивните искуства и да ги прилагодиме на нашите состојби за да фатиме чекор со нив. За жал, и покрај повремени блесоци на кои многу се радуваме, далеку сме од големата европска па и светска сцена, но тоа не значи дека треба да се предаваме. Со добра стратегија на искусни фудбалери и стручњаци треба да ги надминеме домашните слабости и да постигнуваме успеси кои ќе бидат континуирани, победа за победа, континуиран квалитет. Секоја наредна фудбалска генерација да биде подобра од претходната, но да го има темелот и подршката од претходната што е предуслов за самоуверена и цврста репрезентација.
„Нашата држава може да создаде фудбалери од европски и светски ранг, но треба да се посвети на тоа. Треба да се зборува реално. Ни недостасуваат многу работи за кои зборував претходно. Работата, дисциплината и професионалноста се најважни и без нив, ништо. Ако сите го дадеме својот придонес како што треба, без подметнувања, без злоба, без негирања, ако бидеме совесни и се посветиме на создавање квалитет, сигурен сум дека доаѓаат подобри времиња за македонскиот фудбал“ – рече Кралевски.
Целото интервју со него прочитајте го на Нова Македонија