Две години затвор за убиецот на 32-годишниот Гоце и неговото неродено дете. Три за 22-годишниот скопјанец која ја прегази 24-годишната Викторија. Исто три за Гордана која го уби старецот Слободан. Неверојатни 6 месеци за Кичеец кој причини смрт на Стража. Алармот е вклучен, истото да не се случи со убиството на 22-годишната Фросина Кулакова…
Горенаведените случаи се само дел од генезата на акумулираниот гнев, бес и револт на македонската јавност, причинети од бедните казни за сторители кои со цела серија прекршувања на законот одзеле нечиј живот и притоа „заработиле“ минимални казни за стореното.
Не бадијала, трагичната смрт на Фросина деновиве добива нова, општествена димензија. Полека, но сигурно, несреќната судбина на младата девојка станува симбол на борба за враќање „на нозе“ на уништениот систем. Ова прерана смрт на еден прекрасен и надежен млад човек, која предизвика силен гнев и револт во македонското општество, истовремено ја постави на пиедестал и итната потреба од промени, засилена превенција и драконски одговор со соодветни, повисоки и реални казни за сторителите на овие злодела по македонските патишта.
Македонскиот народ вели „во секое зло, добро“. Од ова не може да испадне ништо добро, но може да произлезе силна поука за идните „Васовци“ и можни сторители на вакви кривични дела во сообраќајот. Нужна поука насушно потребна за ресет на извитоперените општествени вредности, новкомпонираниот аздис и ставање крај на трендот на квази-урбано дивјаштво по македонските сообраќајници.
Така, трагедијата на Фросина станува симбол на акумулираната македонска потреба од ремонт на девастираниот систем, давајќи му поткрепа и една силна димензија на граѓанскиот бунт кон опустошените институции на системот, директни соучесници и чинители кои сносат огромна вина во она што вечерта во средата на 29 јануари се случи на булеварот „Партизански одреди“ во центарот на Скопје.
20-годишниот Васил Јованов, пак, ( во овој случај со сета презумпција на ВИНОВНОСТ) се очекува да биде пример за идните сторители. Основаниот сомнеж е востановен кај јавноста со можноста за повторување на „условната казна“, те признал, чувствувал вина, те бил млад, де немало да се повтори, а правдата да остане да виси некаде. Или поверојатно, да лежи. Во нечија фиока… Конечно, вистинска правда, без врски, протекционизам, без попустливи судии кои ќе се вадат на растегливи законски одредби и толкувања. Правична пресуда, за да ова не се повтори. Никогаш.
Имено, тој без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба (0.82 промили), мина на црвено светло на семафор со неприлагодена брзина (наводно 130 км/ч). Недостига уште да возел без светла, да немал ланци и да не носел појас. За жал, ова не е шега, тој прекрши се’ што може да се прекрши. Серија од четири кобни прекршувања на законот за сообраќај, кои во трагична комбинација со кобниот премин на младата Фросина Кулакова на пешачки и зелен семафор за неа, целата ситуација ја прави уште потрагична и поболна.
Сепак, улогата на „системската грешка“ во оваа трагедија е пресудна. Однесувањето на младиот Васил си има своја генеза. Во општеството и системот. На страна неговото криминално досие заради кое требало одамна да биде зад решетеки, на страна и сообраќајните прекршоци кои морале да бидат посериозно санкционирани. Зборуваме за човек кој по ниту едно правило и здраворазумна логика не смеел да биде зад воланот. Не смеел да биде ни на слобода. Уште „понастрана“ што ги прекршил сите можни правила и прописи кога седнал зад него.
Во превод, главната одговорност за смртта на младата девојка е кај руинираниот, поткуплив и трајно оштетен правосуден систем. Грешките во низа кај нив доведоа до несреќата/убиството, а Фросина делумно е и колатерална штета на нивната потплатливост, неажурност и незаинтересираност во комбинација со судско-обвинителниот месијански комплекс и улогата на „палам-гасам“ без никаква одговорност.
Колку нивната претходна „дејност“ во вакви случаи со сообраќајни незгоди со смртни последици и смешните казни за сторителите придонесе за денешниот пекол и непочитување на правилата на македонските улици? Ако се вратиме назад, пораката на судот до граѓаните во редица случаи е повеќе од поттикнувачка. Со леснотијата со која се доделуваа минимални па дури и редица условни казни за сообраќајќи со смртни последици, на идните убијци зад воланот им се испрати јасна порака: „Возете како сакате, не почитувајте закони и правила, беснејте, па макар и убиле некого, ќе си минете без или со минимална казна!!!“
Се сомневате во констатираното? Претеруваме? Ајде, тогаш да се потсетиме на „најзивиканите“ случаи кои во блиското минато ја окупираа и ја разочараа македонската јавност. Истовремено, случаи кои ги окуражија потенцијалните убијци и прекршители да го направат тоа што го направија. Или, уште пострашно, она што ќе го направат.
СЛУЧАЈ ЗАТВОРЕНИК КИЧЕЕЦ И 6-ТЕ МЕСЕЦИ ЗА „УБИСТВО ОД НЕБРЕЖНОСТ“ И УБИЕНИОТ СРБИН КОЈ ОСТАНА НЕПОЗНАТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ
Во септември 2021-та, Зоран Милески – Кичеец во време кога издржуваше затворска казна за случајот „Рекет“ во затворот во Струга, беше еден од директните учесници во сообраќајната несреќа во близина на Новоселски гробишта.
Кичеец на 4 септември незаконски со својот Мерцедес „излета“ од својата коловозна лента на автопатот Гостивар – Кичево, премина полна линија и претекнувајќи удри директно во автомобил што возел отспротива, при што загина еден патник од тоа возило, а четворица беа потешко повредени и хоспитализрани. За ова, тој доби затворска казна од само 6 МЕСЕЦИ.
Судот, верувале или не, како олеснителни околности навел дека обвинетиот ја признал вината, побарал со спогодба и условна казна, а добил затворска од 6 месеци за претекнувањето на полна линија во кое покрај загинатото 32-годишно лице, имаше и седуммина повредени.
Сообраќајката се случи кај превојот Стража, во период кога Милески имал привремен прекина на казната за да се лекува. Како тоа болен го управувал автомобилот низ патиштата низ Македонија, судско-затворските власти не ги интересираше.
Така тој од притвореник за тешка сообраќајна несреќа со која предизвика смртни последици и тешки повреди кај учесниците, заврши прво со одлука дека е неправедно во притвор, со предлог од обвинителот да добие само 6 месеци зашто не бил пијан, ни дрогиран и со голо прифаќање на судот на минималната казна што ја побарал обвинителот. Името на починатиот не се ни спомнуваше кај нас. Починатиот беше од Србија. Овде, „ѕвезда“ беше другарот на Боки 13.
УСЛОВНАТА КАЗНА ЗА УБИСТВО НА 32-ГОДИШНИОТ МОТОРЏИЈА КАЈ МЛЕЧЕН И НЕРОДЕНОТО БЕБЕ
Во 2018-та, бизнисменот Васил Ч. од Тетово на улицата „Теодосиј Гологанов“ кај Млечен ресторан во Скопје помина преку две полни линии со својот џип „ситроен“ и удри во мотор, убивајќи го возачот, а неговата сопруга која тогаш беше бремена, го загуби детото.
За ова двојно убиство, повторно верувале или не – судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ од скопскиот Кривичен суд ПРЕСУДИ ДВЕГОДИШНА УСЛОВНА КАЗНА, наведувајќи го како главна олеснителна околност фактот што обвинетиот ја признал вината и немал умисла?!
„Денеска, во името на граѓаните на РМ, судијата Елена Илиевска-Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди! Само затоа што признал! Дно дна!“, напиша тогаш Наташа Апостоловска, девојка која во ист миг ги изгуби саканиот сопруг и нероденото бебе.
Подоцна во јавноста со свој потресен став и реакција излезе и таткото на починатиот.
„Пријатели. Сакам да ве известам дека денес се донесе пресуда за смртта на мојот син кој загина пред две години во сообраќајка. Неговата сопруга бремена го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Пред да ја каже судијката пресудата ме известија дека каква и да биде пресудата да останеме смирени, бидејќи може да бидеме казнети. Судијката со многу очај кажа дека ѝ било многу тешко да ја донесе оваа пресуда. На сите отежителни и олеснителни околности, пресудата гласеше не е виновен и ќе биде две години условно осуден. Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме, а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел синџир на судски заврзлами. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава имаме“, напиша таткото на починатиот.
Овој бизарен случај повторно ги стави сите прашалници врз судството и врз тоа дали има „заштитени мечки“, и покрај тоа што тогашната власт се колнеше дека ќе го реформира.
Следуваше тешка и долготрајна медимска битка зачинета со серија големи протести, за да конечно по сиот револт, некој се освести во државата, да реагира обвинителството, да го реотвори случајот и судот, конечно, да донесе нова пресуда. И овојпат, пресуда од „цели“ ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР?!
Апелациониот суд Скопје ја преиначи казната за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан и одлучи возачот да биде казнет со 2 години казна затвор, како главна казна. Во првостепената постапка обвинетиот возач беше огласен за виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 в врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. И остана на тоа…
ТРИГОДИШНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ПРЕГАЗЕНАТА 24-ГОДИШНА ВИКТОРИЈА НА ПЕШАЧКИ ПРЕД СКОПСКИ СИТИ МОЛ
На само километар од кобното место каде загина Фросина Кулакова, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш во јануари 2022-та година го загуби животот во сообраќајна несреќа додека минуваше на пешачки премин пред трговскиот центар Сити мол во Карпош. На истите, кобни „Партизански одреди“ во Скопје.
Трагичната незгода се случи нешто по 19.30 часот на оваа раскрсница кога дваесет и двегодишниот скопјанец со неговиот автомобил удри во Николова. За брзината со која возел сведочат трагите од ударот на возилото. Николова минувајќи го пешачкиот премин била само два чекори пред нејзиниот пријател и тоа го спасило од сигурна смрт.
Возачот доби казна од три години затвор. Олеснителни околности биле што семафорот трепкал, а тој го признал делото?!?!
Нормално, минималната три годишна затворска казна за возачот кој ја усмрти нивната ќерка, ги разочара родителите на Викторија. Изјавија дека се згрозени биле од одлуката на судијата Љубинка Башевска.
„Немам зборови, згрозен сум од оваа држава, од судството и затоа има толку голем процент на недоверба. Друго немам ништо, згрозени сме како фамилија со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава“, изјави Славчо Николов, татко на починатата Викторија Николова.
Адвокатите на семејството најавија жалба. Сметаат дека казната е незериозна и еднаква на ослободителна пресуда.
„На 20 вечерта трепкаше жолто светло, за жал, денес, овој суд дозволи светлото да биде зелено и на тој начин дозволува вакви престапи да поминат неказнети“, изјави адвокатот Владимир Михајловиќ.
ТРИ ГОДИНИ ЗА ПРЕГАЗЕНИОТ ПЕШАК АНГЕЛОВСКИ, СУДЕЊЕТО ОБНОВЕНО
Семејството на загинатиот пешак Слободан Ангеловски деновиве одбележа три години од неговата смрт, но од правдата ниту трага ниту глас. Првичната казна беше три години за делото, но случајот е вратен на Апелација.
Ангеловски беше прегазен на мостот „Гоце Делчев“ кај МНТ на 26-ти јануари 2022-ра година, а на вчерашното рочиште целиот случај почна од почеток.
Токму КУРИР стапи во контакт со синот на Слободан, Стојан, кој по смртта на неговиот татко заглави во судските лавиринти. Со секое враќање, тој одново ја доживува големата загуба, а обвинетата Гордана Филиповиќ која управуваше со возилото „БМВ Х5“, е на слобода.
-Заради вештачењето на одбраната кое што е тенденциозно и не соодвестува со самата фактичка состојба, добија шанса за повторно судење, каде што мора да се нареди супервештачење. Јас секое одење на суд повторно ќе ја преживувам загубата на мојот татко. Од следниот протест за смртта на младата Фросина излегувам на улица со поддршка за заедно да бараме правда. Правда која јас ја чекам три години, рече Стојан Ангеловски за КУРИР.
Нивниот случај се темели на четири прекршоци кои ги направила обвинетата.
–Брзо возење, незастанување на пешачки премин, иако две возила веќе стоеле и го пропуштиле татко ми. Таа дополнително, гледала во мобилниот телефон, а имала и забрана за управување со моторно возило. По судови одиме три години, а денес почнавме од почеток. Слободно можете да ставите еден минус пред тие 2% доверба во судството, рече синот на загинатиот во изјава за КУРИР.
Парадоксално и крајно иронично, токму ќерката на Филиповиќ загина во сообраќајка со возач под дејство на наркотици и алкохол. Тој доби казна од 7,5 години затвор, а загинатата 17-годишна Јелена стана дел од кампањата кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје.
Трагедијата имаше и продолжение кога таткото на Јелена беше приведен под сомнение дека барал платен убиец за ликвидација на луѓето кои ги смета за одговорни за смртта на Јелена.
СУДОТ ПРОТЕЖИРА, ПОТТИКНУВА И ПРОМОВИРА ДИВЕЕЊЕ ВО СОБРАЌАЈОТ
Ова се само дел од примерите кои ја шокираа Македонија и македонската јавност во минатите неколку години. Случаи има многу, премногу, наведените се само капка во морето несреќни судбини, иницирани од нечие невнимание, аздис, алкохол, дрога, адреналински ќелепури. Бројка голема исто како и количеството гнев, бес и револт кај граѓаните кој го продуцираа минималните казни за виновниците.
Чувството кое преовладува е дека со ваквите пресуди и однос кон починатите и нивните семејства и најблиски, судот е директен учесник во протежирањето, поттикнувањето и натамошната промоција на дивеењето по улиците. Мизерните санкции содржани во постојните закони за сторителите кои одземале човечки живот или животи, а притоа прекршиле дузина закони, им даваат за право на граѓаните да го имаат ова бедно мислење за правосудниот систем. Целосно право. На страна што судот има доверба од 2%, а Обвинителството 1%. Ништо не е случајно.
Во таа насока, се наметнува потребата од итни измени на постојните „благи“ закони и прописи. Токму затоа се поставува и потребата од обемна и детална јавна расправа со цел анализи и утврдување на потреба од изменување на постојните законски прописи, се’ со цел за зголемување на безбедноста на граѓаните. Сегашните законски мерки и санкции од кои прозилегуваат и казните за сторителите, очебијно ги „прегазило времето“ и се тотално несоодветни на современите сообраќајни услови и односи. Со таа цел, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во собранието поднесе предлог за Законски измени и зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
Веруваме дека имаат огромна поддршка од целата напатена и гневна македонска јавност, која одамна буквално моли и очекува ова, конечно, да се случи. Овојпат, никој нема да биде против ова да се случи, дури и со европско знаменце во Собранието (за првпат би била оправдана неговата употреба). Време е за подраконски и поригорозни казни за несовесните возачи, чија непромисленост честопати доведува и до смртни последици. Законски мерки кои ќе ги подзамислат идните, потенцијални сторители на ваквите дела. Измени кои е доволно да спасат еден живот, за да бидат повеќе од оправдани. Доста е од зборување „да не се повтори“. Време е и нешто да се стори околу тоа.
Заради Фросина, Гоце, Слободан, заради Викторија и нероденото бебе на Наташа, Јелена. Заради стотици загинати чии имиња не ги ни знаеме. Заради побрзо ставање крај на дивеењето по улиците. Заради иднината на нашите деца и внуци…
Љупчо Цветановски