Македонија анализа на сашо таневски

Големото име Македонија нема цена!

И затоа суштинското прашање денес не е дали спорот е „затворен“. Прашањето е дали зад него стои чиста волја на државата или процес во кој финансискиот притисок или нечија алчност ја заменила демократијата. Ако некогаш се докаже второто, меѓународното право е јасно: она што е родено од корупција, порано или подоцна се прогласува за ништовно.

Големото име Македонија нема цена!

Многу работи предвиде и погоди американската Централна разузнавачка служба (ЦИА) низ годините, не затоа што има контакти со разни видовити луѓе или затоа што располага со тајни капацитети низ кои може да се патува низ времето, туку затоа што има раширено огромна мрежа на соработници што собираат илјадници податоци од сите делови на светот и врз основа на собраното се прават можни сценарија, пишува Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Истата таа ЦИА своевремено го предвиде и распадот на Југославија, предвидува и внатрешно реструктурирање на ЕУ во две-три брзини, кое де факто веќе функционира, а неодамна при декласификацијата на дел од документите беа откриени и податоци поврзани со промената на името на земјава.
Имено, американската Централна разузнавачка агенција во документ обелоденува дека на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров му биле нудени 100 милиони американски долари за да прифати промена на името Македонија, но тој одбил, чин на кој можат да му позавидат огромен број политичари, не само во регионот туку и во светот.
Но настрана од тоа, доблесните политичари денес се многу ретки во овој суров и себичен свет, да не речам ги нема. Многу поважно во документот на ЦИА е откривањето на шемата што се користела од грчка страна, односно со пари да се купи она што е спротивно на меѓународното право и на волјата на македонските граѓани. Грците тргнале од старата максима дека парата врти таму каде што бургија не врти.
И тука е сега клучната дилема. Дали она што во јуни 2018 година се случуваше на брегот на Преспанско Езеро во Нивици со потпишувањето на Преспанската спогодба, а потоа и свадбарскиот ручек во Отешево (оти Ципрас така кажа, дека ручекот во Отешево изгледал како свадба), е крајниот исход од она што некој го започнал во 1992 година? Само како дилема, не мора да е така.

Но ако сите работи во животот функционираат по некоја однапред одредена шема, тогаш не може да се исклучи дека официјална Атина постојано ги користела истите механизми низ годините за да дојде до она што го посакува и на крајот да успее во тоа. Како, историјата ќе покаже. Впрочем, пред година-две и грчките медиуми обелоденија дека грчката влада имала тајни фондови за операцијата наречена „Промена на името“, така што, лично не ми изгледа дека грчката дипломатија сменила нешто во пристапот од 1990-тите години наваму.
Ако овие информации се точни, тогаш повеќе не зборуваме само за дипломатски процес, туку зборуваме за политички и финансиски инженеринг, кој постепено ја подготвувал сцената за конечниот исход. Тука се отвора и најважното прашање, правното. Во меѓународното право постои јасно правило: валидноста на секој договор зависи од слободно изразената волја на државите. Таа норма е кодифицирана со Виенската конвенција од 1969 година. Конвенцијата експлицитно предвидува дека договор склучен преку корупција или присила е ништовен.
Значи, тоа што нашиве партии постојано меѓусебно се препукуваат кој го сменил името, кој да го врати и слично, се гранапски муабетчиња на кои не треба да им се придава никаква важност. Она што е важно е дека меѓународното право, сепак, има долга меморија. Договорите може да траат со години, па и децении, но доколку се покаже дека нивната основа е корупција, нивната правна судбина е предвидлива, односно тие едноставно се неважечки. Ниту еден правен систем не признава акт што е купен со пари.
Македонскиот суверенитет не е трговска стока, а името на една држава не е финансиска трансакција или проект на оваа или онаа партија, на ваква или онаква асоцијација, на некаква геополитика на итност да се влезе под чадорот и слично. Ако навистина постоела намера да се купи она што не можело да се добие по дипломатски пат, тогаш тоа не е компромис, туку, адвокатски кажано, правен деликт.
И затоа суштинското прашање денес не е дали спорот е „затворен“. Прашањето е дали зад него стои чиста волја на државата или процес во кој финансискиот притисок или нечија алчност ја заменила демократијата. Ако некогаш се докаже второто, меѓународното право е јасно: она што е родено од корупција, порано или подоцна се прогласува за ништовно.
Затоа ова не е проект на оваа или на некоја следна власт, тоа е обврска на сите нас да бараме и да се бориме пред сите меѓународни институции за почитување на меѓународното право, оти неговото непочитување го турка светот кон работ на катастрофа. Не бараме ништо повеќе, ништо помалку, си го бараме она што е наше, името Македонија. Тоа е премногу големо за некој да се дрзне да го продава!

Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Македонија

To top