Македонија

ФЗОРСМ: Одлуката за Леонид Индов не е конечна, може да се оспори

Индов на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со што ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да диши. Тој беше првиот пациент транспортиран со полициски хеликоптер до Виена.

ФЗОРСМ: Одлуката за Леонид Индов не е конечна, може да се оспори

По реакции во јавноста во врска со лекувањето на младиот Леонид Индов, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, попладнево излезе со соопштение, каде се потенцира дека одлуката на ФЗОРСМ со што се одбива барањето за упатување во странство, сѐ уште не е конечна.

– ФЗОРСМ од првиот момент со внимание го следи случајот на Л.И. од неговата хоспитализација во Република Грција, од каде е донесен на ЈЗУ КАРИЛ, па сѐ до поднесување на барањето за упатување на лекување во странство, пишува во соопштението.

Во овој момент, се појаснува, во Фондот се водат две одделни постапки.

– Првата е отпочната уште во септември 2023 година и за неа има отворен предмет што сѐ уште е во тек, заради некомплетно доставенa медицинска документација, за која е испратено официјално барање до подносителите, меѓутоа неопходната документација за одлучување сѐ уште не е доставена. Од септември 2023 година, пациентот е префлен на ЈЗУ КАРИЛ, од каде на сопствена иницијатива на семејството, е однесен со медицинско возило во приватна болница, со која ФЗОРСМ нема склучено договор за типот на здравствени услуги што се пружени, а каде престојувал сѐ до моментот кога на 6.2.2024 година, со хеликоптер бил транспортиран во здравствена установа во Австрија, велат од Фондот.

Се додава оти ФЗОРСМ ниту бил известен, ниту пак учествувал во организацијата за транспортот со хеликоптерот со кој пациентот замина во здравствена установа во Австрија, како што пишува, на иницијатива на семејството.

– По однос на донесената одлука од страна на Првостепената комисија на ФЗОРСМ, важно е да се напомене дека истата постапи по документацијата што беше доставена со барањето, како и по документацијата што дополнително ја обезбеди по службена должност. Имено, одлуката е донесена како резултат на фактот што самиот предлог за упатување во странство, воопшто не содржи конкретна насока за вид на интервенција што е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку истиот содржи само општи процедури за рехабилитација. Дополнително, предложениот вид на третман од страна на центарот во Австрија, се однесува на здравствени услуги од областа на физикална терапија и медицинска рехабилитација, велат од Фондот.

Постапувајќи по барањето, како што пишува во соопштението, Првостепената комисија на ФЗОРСМ носи негативната одлука.

– Овде уште еднаш би сакале да укажеме на законските ограничувања при постапување по овој случај, поточно, согласно член 30 став 1 и став 2 од Закон за здравственото осигурување („Сл. весник на РСМ“ бр. 25/00; 34/00; 96/00; 104/00; 30/01; 48/01; 50/01; 11/02; 31/03; 84/05; 119/05; 37/06; 109/06; 18/07; 36/07; 88/07; 88/07; 106/07; 82/08; 98/08; 142/08; 6/09; 45/09; 67/09; 14/10; 50/10; 156/10; 19/11; 53/11; 166/11; 26/12; 65/12; 145/12; 16/13; 91/13; 187/13; 43/14; 44/14; 97/14; 112/14; 113/14; 188/14; 20/15; 61/15; 61/15; 98/15; 129/15; 150/15; 154/15; 192/15; 217/15; 27/16; 37/16; 120/16; 142/16; 171/17; 275/19; 92/20; 77/21; 285/21; 60/23; 154/23; 209/23): „Осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Осигуреното лице под условите утврдени во ставот 1 на овој член, може да користи во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство, одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија.“, велат од Фондот.

Дополнително, се додава во соопштението, согласно член 44 став 3 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Сл. Весник на РСМ“ бр. 234/22) стои: „Осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универзитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на дијагностичка постапка, контролен преглед пред извршување на болничкото лекување, контролни прегледи по завршување на болничкото лекување за кои осигуреното лице не спровело постапка пред Фондот, за лекување кое не е базирано врз усвоена медицинска доктрина и медицина базирана на докази, како и за лекување кое се наоѓа во фаза на клиничка студија и специјализирана медицинска рехабилитација, нема право на надомест на трошоците на товар на Фондот, согласно одредбите од овој Правилник.“

– Според овие законски и подзаконски одредби, Фондот може да упати осигуреник само на болничко лекување и контролен преглед по одобрено болничко лекување во странство, но, не и на медицинска рехабилитација. Дополнително, сакаме и да потенцираме дека одлуката на Фондот со што се одбива барањето за упатување во странство, сѐ уште не е конечна. Со добивање на решението, странката е известена за редовните правни патеки што истата може да ги искористи во управната постапка што ја води Фондот. Во согласност со позитивната законска регулатива, странката при користењето на правните средства има право да поднесе докази и дополнителна медицинска документација, за што цени дека можат да влијаат на постапката, а со која би ја оспорил веќе донесената одлука на Фондот, се наведува во соопштението на Фондот.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција во врска со лекувањето на Индов во Виена, посочи оти нема дилеми дека требало да се изврши медицинскиот транспорт. Тој потенцираше дека во иднина стојат на располагање на македонските граѓани на кои им е неопходен медицински транспорт.

Индов на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со што ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да диши. Тој беше првиот пациент транспортиран со полициски хеликоптер до Виена.

По веста дека ФЗОРСМ не одобрил пари за лекувањето на Леонид кој се повреди на летување во Грција минатата година, на социјалните мрежи почна кампања за собирање средства за покривање на трошоците за неговото лекување за што се потребни 140.000 евра. Отворени се и телефонски броеви за донација на Т-Мобиле 143-118 и на А1 143 500.

Најнови вести од Македонија

To top