Македонија UNODC

Фетаи: Владата ќе се заложи за ефикасна конфискација на нелегалниот имот

Овие бројки се повик за будење и потсетуваат на потребата од промена на пристапот,“ изјави Фетаи.

Фетаи: Владата ќе се заложи за ефикасна конфискација на нелегалниот имот

Заменикот претседател на Владата за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се обрати на Регионалниот состанок за политики за враќање на имот во Западен Балкан, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Фетаи ја истакна потребата од координирани активности против организираниот криминал и корупцијата, нагласувајќи ја важноста на размена на најдобрите практики и справување со нелегалните финансиски трансакции кои ја поткопуваат демократијата и довербата на граѓаните во институциите.

Тој го презентираше напредокот на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на три значајни закони за конфискација и управување со запленетиот имот, како и Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024–2028, која е во завршна фаза.

И покрај постигнатиот напредок, Фетаи посочи дека резултатите за 2023 година покажуваат пад на вредноста на замрзнатиот и конфискуваниот имот во споредба со 2022 година. Во 2022 година, вредноста на замрзнатиот имот изнесуваше речиси 40 милиони евра, додека конфискуваниот имот беше околу 28 милиони евра. Во 2023 година, замрзнатиот имот е намален на само 1,69 милиони евра, додека конфискуваниот изнесува околу 18 милиони евра.

„Овие бројки се повик за будење и потсетуваат на потребата од промена на пристапот,“ изјави тој.

Фетаи го најави формирањето на Национален совет за финансиски истраги за зајакнување на меѓуинституционалната координација и потврди дека земјата останува посветена на активна соработка со граѓанското општество.

„Никој не е над законот. Со силна политичка волја и меѓународна соработка, можеме да се справиме со криминалните мрежи и да ги изведеме корумпираните пред лицето на правдата,“ заклучи Фетаи, изразувајќи благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и италијанското Министерство за надворешни работи за организирањето на овој настан.

Најнови вести од Македонија

To top