Можеби ќе биде поскап, но автомобилот што ќе го купите нема да биде дел од нашминканиот авто-отпад што од Запад го „мкнат“ дел од авто-прекупците во Македонија и на Балканот, особено Бугарија. Купувањето на неисправен автомобил од ЕУ земјите и неговото шминкање стана доходовен бизнис за многумина, особено поради евтината работна рака на Балканот. Така, наместо на отпад, тие завршуваа во гаражите на Балканците. А, се чудевме како истиот автомобил (ама сочуван) е поскап во Германија отколку во Македонија…
Европската Унија работи на значајна промена во правилата кои ја регулираат трговијата со половни автомобили, со цел да ги спречи најлошо одржаните или технички неисправни коли да завршуваат во трети земји како што се земјите на Западен Балкан. Новиот пакет регулативи што го подготвува Брисел предвидува кога одредено возило ќе се продава или извезува од ЕУ, мора да биде јасно докажано дека не е „возило на крајот од животниот век“ (End-of-Life Vehicle – ELV) и дека е технички исправно и безбедно за сообраќај.
Ова значи дека старите, со децении користени автомобили кои редовно се извезуваат од Германија, Италија, Франција, Австрија или Белгија нема да можат лесно да се продадат или испратат во трети земји без стандардизиран доказ за исправноста. Потврда за тоа ќе се добива со задолжителен технички преглед или проценка од независен експерт, а без таков документ возилото едноставно нема да може да се регистрара, да се извезе или да се продаде преку официјални канали.
Еден од најспорните делови од оваа регулатива е фактот дека трошокот за издавање на сертификат за техничка исправност веројатно нема да биде мал: според некои процени тој може да биде во опсегот од 1.500 до 2.000 евра, што често е блиску или дури значително над вредноста на најевтините автомобили што се извозат на пазарите на Балканот. Тоа значи дека многу стари возила едноставно нема да се исплати да се подготвуваат за извоз од ЕУ, па наместо тоа ќе завршуваат на рециклирање во самата Унија, од каде веќе нема да можат да се транспортираат.
Ова нема да значи тотална забрана за извоз на половни автомобили од ЕУ, туку многу построги критериуми за тоа кои автомобили можат да бидат предмет на извоз. Возила кои навистина се исправни и модерни – на пример оние стари 2, 3 или 5 години и натаму ќе може нормално да се извозат без значителни проблеми. Но, најстарите, евтини модели кои често се барани на пазарите како нашиот, ќе се соочат со бариери кои може да ја сведат нивната достапност на минимум.