Македонија сеќавање

Две години од смртта на поетот Радован Павловски

Две години од смртта на поетот Радован Павловски

Денеска се навршуваат две години од смртта на академик Радован Павловски поет, есеист и патописец, кој беше редовен член на МАНУ од 2006 година.

Павловски почина на 22 февруари 2022 година, на 84-годишна возраст. Работниот век го почнува во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“.

Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Република Македонија се враќа во 1985 година. Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Автор е на книгите поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014). Акад. Радован Павловски е коавтор (со акад. Богомил Ѓузел) на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011).

Исто така е добитник на странските награди: „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“, (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988).

Акад. Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик.

Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија.

Најнови вести од Македонија

To top