Македонија

ДСЗИ извршил увид во хируршките сали на Клинички центар, Младеновска се надева утре ќе бидат повторно отворени

ДСЗИ извршил увид во хируршките сали на Клинички центар, Младеновска се надева утре ќе бидат повторно отворени

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера извршил увид во хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, но Инспекторатот, како што денеска изјави директорката Рената Младеновска, не е надлежен да постапува по ова прашање, па затоа го информирале министерот за здравство дека салите се затворени до решавање на проблемот.

Младеновска изрази надеж дека утре хируршките сали на Клиничкиот центар ќе бидат отворени.

– Се надевам дека во текот на утрешниот ден би требало да има отворање на хируршките сали, доколку се открие каде лежи проблемот, односно каде е дефектот и од каде се шири непријатна миризба, изјави Младеновска, одговарајќи на новинарско прашање дека пет дена не се прават операции во овие сали.

Посочи дека имале состаноци со министерот за здравство и со директорите на хируршкиот блок и дека министерот издал налог за вонреден инспекциски надзор.

– Вчера бевме на сите хируршки клиники во целиот хируршки блок. Ние не можеме да постапуваме во однос на оваа проблематика, од причина што само проверивме дека на сите хируршки оддели има централен довод на гасови. Бидејќи не сме надлежна институција, само го информиравме за фактичката состојба, а тоа е дека салите сѐ уште се затворени до решавање на проблемот, појасни директорката на ДСЗИ.

Од Министерството за здравство вчера најавија дека хируршките сали во Клиничкиот центар повторно се враќаат во употреба. Како што изјавија, проблемот со компримираниот воздух бил надминат и сервисирањето било успешно завршено.

– Ниту еден итен пациент овие два дена не беше оставен без здравствена заштита. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”, информираа од Министерството за здравство.

Најнови вести од Македонија

To top