Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Државната безбедност како прв стожер на „Македонија 2030“ со четири приоритети

На партискиот конгрес беше усвоен стратешки документ што ги поставува приоритетите за модерна Армија, сајбер-заштита, одбрана од хибридни закани и поефикасно управување со кризи.

Државната безбедност како прв стожер на „Македонија 2030“ со четири приоритети

ВМРО-ДПМНЕ на последниот партиски конгрес усвои нов стратешки документ под наслов „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“, кој, според партијата, претставува визија за модерна, стабилна и европски ориентирана држава. Документот, како што соопштија од партијата, поставува долгорочен системски пристап во креирањето на државните политики и цели кон јакнење на институционалната зрелост.

Централно место во стратегијата има првиот стожер – државната безбедност, која, според ВМРО-ДПМНЕ, станува клучна во услови на зголемени геополитички тензии, ризици од сајбер-напади и хибридни закани.

Стратегијата предвидува четири главни приоритети. Првиот е модернизација на Армијата, усогласена со НАТО стандардите, со технолошко унапредување, современи командни системи и развој на единици за сајбер-одбрана. Вториот приоритет е јакнење на националната сајбер-безбедност преку формирање национален центар за дигитална отпорност и воспоставување стандарди за заштита на институциите и критичната инфраструктура.

Како трет приоритет се наведува борбата со хибридните закани и дезинформациите, преку создавање државен механизам за анализа, брза реакција и заштита на демократските процеси. Четвртиот приоритет опфаќа модерен систем за управување со кризи, со централен команден столб и автоматизирани процедури за побрза и поефикасна реакција.

Од партијата порачуваат дека само отпорна и добро заштитена држава може да обезбеди економски раст, институционална стабилност и политичка самодоверба.

To top