Спасени се лицата кои со моторно возило заглавиле на врвот на Галичица, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
По повик на единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи утрово, од 5:00 до 8.00 часот, се одвивала спасувачка акција на Галичица. Во акцијата се вклучиле Секторот за операции и координација во ЦУК и Регионалниот ЦУК Охрид.
– Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, кои согласно временската видливост итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат, а секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка, соопшти ЦУК.
Од ЦУК информираат дека паралелно било комуницирано и со лицата од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување.
Според АМСМ, од 15 ноември 2023 година, патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила се до 1 април 2024 година.