Во „Станица 26“ ќе се одржи донаторската вечер „Threads of Light“, со која официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на новоформираната Фондација „Фросина Кулакова“. Настанот ќе ги обедини уметноста, музиката и граѓанската свест во една заедничка порака за одговорност, грижа и потреба од подлабока општествена промена.
Фондацијата е основана од семејството на трагично починатата Фросина, која живото го загуби во сообраќајна несреќа, со цел да создаде долгорочна платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии.
Во рамки на вечерта ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за поддршка на семејствата погодени од сообраќајни несреќи, активности за унапредување на безбедноста и поддршка на млади уметници.
Како што најавуваат организаторите, посебен момент ќе биде премиерната изведба на химната „Фросина“, дело на авторот Александар Митевски, со текст на Огнен Неделковски и изведба на Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева. Баладата е создадена како искрена почит кон Фросина и јавна порака за смисла, одговорност и промена.
Организаторите истакнуваат дека донаторската вечер претставува прв чекор во реализацијата на мисијата на Фондацијата – да ја претвори тишината по трагедиите во глас за промена и во повик за колективна одговорност.
Фросина Кулакова беше млада македонска дизајнерка која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа, откако Васил Јованов, под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминувајќи на црвено светло, ја прегази на пешачки премин на булевар „Партизански одреди“ во Скопје.
Јованов беше осуден на 13 години затвор за сообраќајната несреќа во која загина Кулакова.