Македонија

ДОКУМЕНТИ: Еден од напаѓачите во М-НАВ требало да биде во затвор – овој обвинител го ослободил преку правен преседан!

ДОКУМЕНТИ: Еден од напаѓачите во М-НАВ требало да биде во затвор – овој обвинител го ослободил преку правен преседан!

Огромен скандал за македонското судство открива Радио Лидер, во случај на еден од напаѓачите во М-НАВ. Дали станува збор за организирана група, која заштитена од ДУИ сторила повеќе вакви дела?

Еден од осумте членови на ДУИ кои упаднаа во просториите на контрола на летање, нападнаа контролор и ја загрозија безбедноста на македонското небо е Ерсен Сали кој претходно бил осуден на затворска казна од 1 година поради предизвикување на тешко дело против општата сигурност. – дознава Радио Лидер од судски извори.

Дека тој е еден од напаѓачите уште на четврти месецов објави Телма, но како што јавија медиумите тој е еден од четворицата кои во моментов се наоѓаат во бегство за случајот.

Радио Лидер, со документи од негова претходна судската постапка открива дека ова лице веќе требало да биде во затвор но преку правен преседан е ослободено.

Пукал со огнено оружје во дуќан
Ерсен Сали е инаку долгогодишен фудбалер и челник во ФФМ, каде што е вработена и неговата сопруга. Според информациите кои ги доби Радио Лидер, тој бил осуден затоа што со огнено оружје пукал во дуќан, а бил во придружба на други лица.

Нашите извори од судството велат дека уште овој негов случај од 2022 бил со низа скандали, затоа што полицијата не го опфатила во делото неговиот брат кој бил заедно со него и заедно побегнале кога пукале. Дополнително скандалозно е што и тогаш тој не звршил во притвор по пукањето и не му била изречена никаква мерка за безбедност додека се водел случајот.

-Замислете, немал притвор а од него било запленето автоматско оружје. Ова е невидено. – вели нашиот извор од судството.

За делото Ерсен Сали бил осуден на една година затвор уште во 2022, но потоа се жалел па казната била преиначена во условна казна. Документите кои ќе ги објавиме покажуваат дека условната пресуда ја добил на скандалозен начин.

Како Наум Пановски го ослободи Ерсен Сали?
По првостепената пресуда, Ерсен Сали се жалел на апелација и признавајќи го делото барал затворската казна да му се преиначи во условна.

Обвинителството писмено го одбило барањето и се изјаснило дека затоа што се работи за пукање, не прифаќа условна казна, но потоа се случил правниот преседан кога на јавната седница на судот обвинителот Наум Пановски, го променил писмениот став на обвинителството и прифатил условна казна.

Овој развој на настаните ги збунил присутните затоа што вакво нешто не се случило никогаш претходно на едно судење на апелација. Непосредно откако го сторил овој преседан, обвинителот Наум Пановски доби унапредување и стана дел од републичкото јавно обвинителство.

Дека се работи за правен преседан, за Радио Лидер говори и адвокатот Драган Пешевски.

-Во мојата досегашна веќе долгогодишна пракса како адвокат кој практицира кривично право и постапка не еднаш сум бил во фаза на жалбена постапка пред второстепен суд (познат како Апелација). На кратко постапката оди по следниот редослед: имаме одлука за казна, одбраната се жали, бара судење пред повисокиот суд за истиот да го убеди во жалбените наводи. Во постапката се присутни (освен составот од судот) најчесто бранителот и обвинетиот а само во 1 посто од случаите и претставник на вишото обвинителство. – вели Пешевски.

Пешевски појаснува дека најчесто истите не присуствуваат но секако испраќаат предлог во поглед на жалбените наводи кој најчесто е “жалбата да се одбие како неоснована” иако имало и неколку примери кај што тој бил пријатно изненаден.

-Ваков случај каде вишиот обвинител прво дал предлог, потоа ја почестил постапката со неговото ценето присуство, па уште на јавната седница го менува својот предлог јас во досегашната пракса немам сретнато. Одлуките на судот во Македонија не се извор на правото како во англосансонските системи, но морам да признаам дека според моето скромно мислење се работи за правен преседан… – поентира познатиот скопски адвокат.

Во прилог Радио Лидер ја објавува целосната пресуда на апелација, со која практично поради обвинителот Наум Пановски, на ова лице му се дава условна казна, со што било оставено на слобода и било во можност да го изврши упадот во М-НАВ заедно со другите седум лица меѓу кои се наоѓа и претседателот на ДУИ во Чаир, Беким Незири.

Скандалозно е што и покрај тоа што има четворица во бегство, останатите четворица беа ослободени од притвор, затоа што судот пресуди дека истите немало шанси да избегаат.

Додека работевме на ова истражување, до Радио Лидер стигнаа и други информации за случаи на оваа група, што го отвора прашањето: Дали станува збор за организирана група, која заштитена од ДУИ сторила повеќе вакви дела?

To top