Најголема излезеност во моментов, за Претседателските избори има во Новаци со 66,47 отсто, а најмалата излезеност за Претседателските избори е во Липково, со 6,48 отсто.
-Споредбено со вториот круг од Претседателските избори во 2019 година имаме зголемување на излезеноста од 7,19 отсто на овие избори, додека споредбено со првиот круг од Претседателските избори 2024 имаме зголемување од 0,01 отсто, истакна на попладневната прес-конференција претседателот на ДИК Александар Даштевски.
До 17 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за Парламентарните избори од 1 920 избирачки места. Од вкупно запишани 1 003 459 гласачи на овие избирачки места, гласале 470 950 граѓани, односно 46,93 отсто од граѓаните со право на глас.
Најголема излезеност во моментов, за Парламентарните избори има во Кривогаштани, со 79,73 проценти. Најмалата излезеност за Парламентарните избори е во Маврово и Ростуше, со 22,93 процент.
-Споредбено со Парламентарните избори во 2020 година имаме зголемување на излезеноста од 8,15 проценти на овие избори, појасни Даштевски.
Излезеноста по изборни единици за парламентарните избори е следна: Изборна единица 1 – 53.22 отсто, Изборна единица 2 – 41.83 отсто, Изборна единица 3 – 51.49 отсто, Изборна единица 4 – 48.49 отсто, Изборна единица 5 – 47,45 отсто, Изборна Единица 6 – 34.71 отсто.
-До овој момент до ДИК се доставени вкупно 450 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 228 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 22 приговори се отфрлени како неуредни, а 67 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка, вели претседателот на ДИК.
Тој потсети дека овој изборен ден го следат 1 303 домашни и 860 меѓународни набљудувачи, како и 83 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој заинтересираните граѓани можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Исто така активна е и видео кол линијата на број 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат во текот на изборниот ден преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.