Безбедносната ситуација во земјата е стабилна, граѓаните се безбедни, надлежните институции од областа на безбедноста се во секојдневна координација и комуникација согласно ингеренциите. Тоа денеска го истакна државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, на дебатата фокусираната на прашањата од областа на внатрешните работи, правдата и одбраната.
Чуповска посочи дека состојбата по прашањето на безбедноста е стабилна и во регионален аспект, со одлична комуникација на сите субјекти од сферата на безбедносниот сектор со стратешките партнери и сојузниците од НАТО.
– Придонесот што Македонија го има во регионалната безбедност е соодветно валоризиран и потврден од НАТО сојузниците. Ние сме повеќегодишен контрибутор во мисијата КФОР на Косово, а значајно придонесуваме во мисијата на ЕУ во БиХ. По однос актуелните безбедносни случувања, активно придонесуваме и во гарантирањето на колективната безбедност, што го докажуваме со нашето активно учество во мултинационалните сили распоредени во Летонија, Бугарија и Романија, рече таа.
Чуповска меѓу другото посочи дека изминатиот период имало пропусти во однос исплатата на обврските кон вработените во Армијата и МО гарантирани со Колективниот договор, што резултирало со голем број тужбени побарувања што најголем дел завршиле на извршител, во вкупна вредност над 17 милиони евра.
– Со соодветна анализа обезбедени се финансиски средства преку ребалансот на буџетот од јули, со релокација на средства. Заклучно со крајот на оваа година ќе бидат исплатени сите обврски кон вработените. Нема да дозволиме во иднина да не се почитуваат правата на вработените, рече таа.