Министерот за здравство Арбен Таравари денеска истакна дека има одредени информации дека е пронајдена мала концентрација на формалдехид во операционите сали во Клиничкиот центар во Скопје, меѓутоа додава тој, официјално сѐ уште нема ништо добиено.
Курир го контактираше клиничкиот токсиколог, доктор Андон Чибишев кој истакнува дека гасот формалдехид е исклучително опасен.
-Во мали концентрации, формалдехидот се користи во медицината и индустријата, но во големи концентрации е исклучително опасен и може да го загрози животот. Дури и мали количини ако се вдушува подолг период може да бидат штетни. Влијае на горните респираторни патишта, ги иритира, ја оштетува слузокожата, објаснува директорот на Токсикологија.
Чибишев појаснува и дека гасот може да предизвика и иритација на очите, а според одредени клинички студии, може да биде канцероген ако се вдишува подолго време предизвикувајќи малигни заболувања на горните респираторни патишта.
Операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба, по што беше распишан тендер за набавка на нова компресорска станица кој пропадна бидејќи не пристигна ниту една понуда.
Таравари денеска истакна дека работат на нова набавка за комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација и се надева дека што поскоро ќе се реши овој проблем.