Двесет и четири годишната Елена Маџова од Свети Николе лекувањето го продолжува во Турција, откако хуманите граѓани на нејзиниот роден град организираа низа на акции и беа отворени и телефонски броеви за донации и жиро сметка.
МИА претходно информираше дека Елена пред неколку месеци заминала во Словенија на работа, но доживеала мозочен удар. По оперативниот зафат во Љубљана е во природна кома.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев на својот фејсбук профил објави дека се собрани средствата потребни за лекување на Елена, за што, како што вели, неизмерно сме ви благодарни.
– Поради итност на ситуацијата и состојбата Елена е веќе во Истанбул и се започна со испитувања за операцијата која и претстои во наредните денови. Потоа следува рехабилитација, па пресадување на матични клетки. Првиот чекор е направен, но патот кој треба да се помине е долг. Елена е храбра девојка за која веруваме дека ќе го изоди тој пат и ќе се врати помеѓу луѓето кои несебично и помагаат, вели Владев. (МИА)