Македонија Виенски Економски Форум

Божиновска од Виена: Оптимизам за енергетската иднина на државата

Божиновска од Виена: Оптимизам за енергетската иднина на државата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) „Виенски дијалог за иднината 2024“. Како дел од годинашната тема „Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски форум на едно место ги обедини лидерите од цела Европа кои разговараа за клучните економски и политички прашања што ја обликуваат иднината на регионот.

– Она што денес го слушнав го зајакна мојот оптимизам за енергетската иднина на Македонија, особено во доменот на енергетската одржливост, економската конкурентност и одговорноста за животната средина, изјавила Божиновска, соопшти вечерва Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

На Виенскиот економски форум, Божиновска во рамки на дискусијата за заедничката одговорност на економијата и политиката за обезбедување одржлива европска иднина, заедно со останатите учесници размениле ставови за тоа како државите можат колективно да ја зајакнат економската отпорност, да ја продлабочат посветеноста на енергетската транзиција и да се справат со предизвиците што ги носат глобалните промени во енергетскиот сектор.

– Една од клучните теми на кои дискутиравме беше како преку добро поставени стратегии за одржлива енергија, инвестиции во обновливи извори на енергија и одговорни практики за рударство може истовремено да се поттикне економски раст и да се обезбеди грижа за животната средина. Во таа смисла ја потенцирав важноста на вакви настани, кои се суштински за споделување добри практики и искуства. А преку поголема соработка и надградување на капацитетите дома, изјавила министерката Божиновска.

За нашата држава, нагласила таа, учеството во вакви дискусии не е само политика, туку и одраз на нашата тековна работа и стратегија за интегрирање на обновливите извори на енергија, поддршка на економската стабилност и создавање силни партнерства.

– Посветени сме на развој на долгорочен стратешки пристап кој интегрира неколку сегменти – промовирање политики кои се усогласени со енергетските стандарди на ЕУ, намалување на нашата зависност од конвенционалните ресурси и прифаќање еколошки практики во нашиот енергетски и рударски сектор, истакнала министерката.

Учеството на собири како Виенскиот Економски форум, според неа, ја нагласуваат важноста и улогата на државата во поширок, европски контекст и големата важност на обединетиот пристап кон овие предизвици.

Министерката Божиновска учествувала на третата сесија на форумот, насловена како „Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“, на која се дискутирало за колективната одговорност на политичките и економските сектори за обезбедување стабилна, одржлива и просперитетна иднина за Европа.

Учеството на министерката Сања Божиновска на Виенскиот Економски Форум, се посочува во соопштението, е приказ на посветеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и на нашата држава кон размена на искуства со европски и светски експерти, кон партиципирање во дијалозите и придонесување кон европската агенда за одржлив раст, унапредување на енергетската ефикасност и зацврстување на регионалната стабилност.

Најнови вести од Македонија

To top