Првиот човек на Бирото за јавна безбедност при МВР, директорот Александар Јанев вчера во текот на последниот работен ден на Конвенцијата на шефовите на полиции што во организација на Европол и Унгарското претседателство на ЕУ се одржа во Хаг, Холандија, а во рамки на интензивните билатерални контакти и средби се сретна и со шефовите на полициите на државите Италија, Канада и Црна Гора.
На средбите покрај анализата на досегашното ниво на соработка како во склоп на мултилатералните полициски ангажмани така и на билатерално рамниште, беа разгледувани и потенцијалите за интензивирање и продлабочување на соработката.
Особено во контекст на исклучително актуелните подрачја на полициско делување како што се борбата против организираните криминални групи, активни во регионот, но и на меѓународно ниво; исто така, околу организациско-техничката надградба и унапредување на капацитетите на нашата полиција во насока на поефикасно и поквалитетно функционирање што би значело и подобрување на безбедноста на граѓаните.
Како тема на средбите беше и иницијативата за модернизација на полициското работење, односно дигитализација на одредени оперативни процеси (воспоставување на нови системи за управување со случаи и управување со документи) и воведување на иновативни методи за справување со растечките предизвици од сериозниот и организиран криминал.