Балканот е зафатен од огнена стихија, пеколни пламени ја зафатија Грција, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Турција.
Викендов во Грција со полна сила избувна пожар во близина на Неохораки, општина Неа Пропонтида, на Халкидики — познат туристички регион препознатлив по прекрасните плажи и многубројните туристи.
Во гаснењето на пожарот се ангажирани 30 пожарникари, 10 противпожарни возила, два пешачки тима и очекувано е да започне и хеликоптерска акција за гасење со вода. Грција се подготвува за „екстремен ризик од пожар“ (категорија 5), во саботата на, 26 јули. Тоа значи највисоко ниво на аларм за пожар: над сите нивоа претходно оваа година.
Вкупно седум региони се погодени од пожарни фронтови и подигнати се 112 предупредувања. Повисока тревога (категорија 4) е прогласена за Западна Грција, Фтиотида, Фокида, Закинтос, Магнезија, скоро целиот Северен Егеј, Крит и Тракија, вклучувајќи ги Родопите и Еврос.
Додека пак во Бугарија се очекува да помогнат во гаснењето на шумските пожари два авиони и четири хеликоптери од други земји-членки на Европската унија.
„Најголемиот пожар во моментот е во близина на Илинденција, оштина Струмјани. Вчера пожарот неконтролирано се ширеше и моравме да ги евакуираме екипите на терен“, рече шефот на бугарската Генерална дирекција за противпожарна безбедност и цивилна заштиа Александар Џартов.
Пожар избил во селата околу градот Трно, кој е 15 кикометри оддалечен од границата со Србија, и дека продолжува да се шири во шумските подрачја. „Трет голем пожар кој и понатаму е предизвик, е во близина на селото Лесово. Уште не е под контрола и премина на границата со Турција“, рече Џартов.
Тој додаде дека во моментот нема извештај за повредени, но дека во пожарите е нанесена значајна материјална штета, пренесува „Танјуг“.
И Албанија е во пламен. Голем шумски пожар беснее во регионот на Преспа, на албанско-македонската граница, а според извештаите од „Топ чанел“, ситуацијата е критична поради високите температури и силниот ветер кој дополнително го шири огнот.
Пожарникарски единици од општина Пустец, јавни служби и граничната полиција се веќе на терен и се обидуваат да ја стават огнената стихија под контрола. Дел од теренот е тешко пристапен, што ја отежнува интервенцијата.
Овој регион, особено Сува Планина во рамки на националниот парк „Преспа“, не е првпат зафатен од пожар – минатата година во истиот период беа опожарени над 300 хектари.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ги апелираше надлежните органи да побараат интернационална асистенција во справувањето со обемните шумски пожари што ја погодија државата, пренесе црногорската новинска агенција МИНА.
„Од Луштица, преку Ловќен и Чемовско поле, до Кучи и Братоножиќи, Пива и Дурмитор – нашите пожарникари и припадниците на Армијата на Црна Гора вложуваат натчовечки напори за да ги изгаснат пожарите”, напиша Милатовиќ на социјалната мрежа „Икс“.
Тој подвлече дека интензивниот ветар значително ги комплицира операциите за ликвидирање на пожарите, а воздухопловната помош, која беше најавена од Владата, сè уште не е достапна.
„Ги повикувам надлежните институции да побараат меѓународна помош – преку механизмите на ЕУ и преку билатерална соработка. Нашите луѓе на теренот ја заслужуваат таа поддршка”, изјави претседателот.
Надлежните апелираат за внимателност и соработка од граѓаните, додека се прават напори да се спречи преминување на пожарот кон македонската страна.
Турција во пламен: Најтоплото лето во историјата
Во Турција, ситуацијата е критична. Владата прогласи вонредна состојба во провинциите Измир и Билечик, додека само во саботата се избројани 76 активни пожари. Близу градот Бурса, еден пожарникар почина од срцев удар додека се борел со огнот. Речиси 1800 лица се евакуирани од селата во близина.
„Ова е апокалипса,“ изјави опозицискиот пратеник Орхан Сарибал. Во провинцијата Ширнак се измерени рекордни 50,5°C. Од почетокот на летото, во пожарите загинале најмалку 14 лица.
Кај нас во Македонија, пак во изминатото деноноќие 51 пожар на отворен постор, осум се активни, седум под контрола
Вкупно 51 пожар на отворен простор се регистрирани во текот на изминатото деноноќие на територијата на државава, од кои осум се активни, седум се под контрола и 36 се изгаснати.
Како што утрово објави Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во: село Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските Планини каде што е зафатена нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација; во прилепското село Бешиште, место викано Бешишки Рид, крак кон с. Градешница (општина Новаци) и крак кон границата со Грција (мешана шума); активен пожар има помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен во општина Прилеп и Галиште, Трстеник во општина Кавадарци (мешана шума и нискостеблеста вегетација); помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа во општина Македонски Брод (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација).
Држави кои се членки на Европската Унија, се соочуваат со големи предизвици во справувањето со пожарите и за таа цел веќе го вклучија Механизмот за цивилна заштита и побараа меѓународна помош во борбата со пожарите.