Македонија секое дете ќе добие Божикна ѕвезда

Бадникови поворки 2026: Светлина, радост и заедништво во Македонија и дијаспората

Со поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, оваа година е обезбедена нова, иновативна Божикна ѕвезда, дизајнирана од графичкиот дизајнер Ангел Мицевски. Станува збор за специјално осмислена конструкција што може да се отвора и затвора, лесно да се складира и повторно да се користи – како трајна вредност што се пренесува низ генерации.

Бадникови поворки 2026: Светлина, радост и заедништво во Македонија и дијаспората

Здружението „Бадникови поворки“  ја најавува централната Бадникова манифестација за 2026 година, која ќе се одржи на 6 јануари во повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија и Соединетите Американски Држави.

Централен настан на манифестацијата ќе биде големата Бадникова поворка во Скопје, која ќе започне во 12:00 часот од Музејот на Град Скопје. Поворката ќе се движи по улицата „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.

Во рамките на централната прослава, секое дете ќе добие Божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда и радосната вест за Христовото Рождество.

Со поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, оваа година е обезбедена нова, иновативна Божикна ѕвезда, дизајнирана од графичкиот дизајнер Ангел Мицевски. Станува збор за специјално осмислена конструкција што може да се отвора и затвора, лесно да се складира и повторно да се користи – како трајна вредност што се пренесува низ генерации.

Дополнително, сите учесници ќе добијат и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, како симболичен подарок што носи порака на љубов, радост и заедништво.

Божикните ѕвезди и магнетите ќе се делат на 6 јануари, од 11:30 до 12:00 часот, пред Музејот на Град Скопје.

По пристигнувањето на поворката на плоштадот „Македонија“, ќе следува „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, со повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Организаторите ги покануваат сите семејства да се приклучат на манифестацијата, без потреба од претходно пријавување. По изведбата во Скопје, „Божикната авантура“ ќе биде прикажана и во Кочани, испраќајќи порака на солидарност, поддршка и утеха. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top