Македонија

Арсенков: Двојно зголемен бројот на итни случаи, зајакнати хирирушките екипи

Арсенков: Двојно зголемен бројот на итни случаи, зајакнати хирирушките екипи

Двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се пружа медицинска помош во Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Директорот на Клиниката Љубен Арсенков во изјава за медиумите денска рече дека поради ситуацијата со затворените хируршки сали на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кај примени се околу 170 итни пациенти од кои 150 се хируршки третирани.

– Просечно дневно околу 250 пациенти се прегледуваат само во Ургентната амбуланта и земајќи предвид дека во специјалистичките амбуланти дневно има околу 100 до 150 пациенти, значи бројка од околу 400 пациенти дневно кои во овој период гравитираат кон Клиниката. Заради ситуацијата на Клинички центар, се организиравме на начин што хроничните пациенти што се за операција, не ги примаме и оперираме само итни случаи. Така што, за овие десеттина дена, примени се некаде 170 итни пациенти, од кои кај 150 се направени хируршки интервенции. Зголемен е бројот, зголемен е и обемот на работа на персоналот. Се организираме засега и се надевам дека ќе продолжи натаму без поголеми реперкусии на третманот. Персоналот одговара на потребите, доаѓаат од дома, повеќе смени работат, вели Арсенков.

Додава дека во овој период се зајакнати хируршките екипи и секојдневно има по двајца хирурзи за абдомен, трауматолози и неврохирург бидејќи неврохируршките пациенти се упатуваат на оваа Клника. Вели дека имаат доволно хирурзи, евентуално она за што можеби би требало да се размисли е инсрументалките и останатиот помошен персонал од Клинички да се распредели во Воената болница и во Клиниката „Св. Наум Охридски“.

Во однос на исполнетоста на капацитетот, Арсенков вели дека е исполнет речиси целиот болнички капацитет и дека се во постојана комуникација со Градската општа Болница „8 Септември“ со цел пациентите да ја добијат потребната нега.

– Секојдневно утринскиот состанок започнува со тоа колку празни кревети има. Дневно по 100 кревети во болничкиот дел и околу 16 во Интензивна нега, од пет до 10 кревети се слободни, речиси целиот болнички капацитет е исполнет. Ги пуштаме дома пациентите кои можеме порано да ги пуштиме, а оние пациенти кои после хируршката интервенција би останале неколку дена подолго зависно од нивната ситуација, ги закажуваме на контроли за да ослободиме кревети за евентуално итните пациенти. Навистина не знам до кога ова би било вака, меѓутоа се организираме и со колегите од Клинички центар и од „8 Септември“. Се слушаме со колегите пред да го упатат пациентот што дошол кај нив доколку нема место или нема специјалист за таа патологија да се упати кај нас. Тоа на мое огромно задоволство функционира и со дигестивна хирургија. Сега засега мислам дека функционира хирургијата. За жал, тоа што се случува таму не би знаел до кога би траело и сигурно ако продолжи ќе се исполнат капацитетите и можеби ќе треба да се размислува за активирање на некои центри од внатрешноста да можат овие случаи што вообичаеноги праќаат тука, да се третираат во матичните хируршки установи, изјави Арсенков.

Операционите сали во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ не работат веќе десетина дена. Министерот за здравство Илир Демири вчера на прес-конференција изјави дека проблемот е хаварија во компресорската станица за кој се чекаат испитувања од Германија.

– Додека не заврши ова испитување и не дојдат анализите од Германија кои се испратени, хируршки центар ќе се послужи со надворешни компресори, изјави Демири, дополнувајќи дека се набавени шест компресори кои се надворешни и може да послужат за итни неодложни интервенции кои се од покомплициран карактер.

To top