САД и Македонија постигнаа рамковен договор за реципрочна трговија, со кој се отвораат нови можности за македонските извозници и се продлабочува билатералната економска соработка меѓу двете држави.
Во соопштението на американскиот Стејт департмент се наведува дека договорот ќе ја зајакне трговската соработка, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе поттикне економски раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство со Соединетите Американски Држави, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Клучни точки во договорот
Во договорот прецизно и јасно се наведени областите каде што обете земји ќе соработуваат во иднина.
• САД ќе ги одржат на 15 проценти реципрочните тарифи, како што е наведено во Извршната наредба 14257 од 2 април 2005 година, како што е изменета, за стоки со потекло од Македонија, а исто така ќе ги идентификуваат производите од листата наведена во Анекс III на Извршната наредба 14346 од 5 септември 2025 година, Потенцијални приспособувања на тарифите за усогласени партнери, како што е изменета, за да добијат реципрочна царинска стапка од нула проценти. САД и Македонија можат да разгледаат други модификации на тарифите по склучувањето на договорот, земајќи ги предвид трговските биланси и други соодветни фактори.
• САД и Македонија ќе работат на решавање на загриженоста на САД во врска со нетарифните бариери наметнати од Македонија, кои влијаат на билатералната трговија во приоритетните области.
• САД и Македонија се обврзуваат да одржат консултации за решавање и спречување на бариерите за американските земјоделски производи на македонскиот пазар.
• САД и Македонија се обврзаа да ја зајакнат економската и националната безбедносна соработка за да ја подобрат отпорноста на синџирот на снабдување и иновациите преку комплементарни активности за справување со непазарни политики на други земји, како и за борба против избегнувањето давачки и соработка во прегледите на инвестициите и контролата на извозот. Оваа обврска вклучува соработка за да се обезбеди дека меѓународните обврски за набавки ќе им користат само на оние земји што ги презеле истите обврски.
• САД и Македонија ја забележуваат својата намера да ги олеснат и да ги подобрат трговските врски.
• Во врска со можностите во енергетскиот сектор, САД и Македонија ја земаат предвид изградбата на важен нов гасен интерконектор помеѓу Македонија и Грција, што ќе ѝ овозможи на Македонија да ја подобри енергетската безбедност и да ги диверзифицира изворите на енергија, вклучително и преку купување американски течен природен гас (ЛНГ). Македонија ќе започне со купување американски ЛНГ по завршувањето на новиот гасен интерконектор.
• Македонија се обврзува да усвои и да одржува високо ниво на заштита на животната средина и ефикасно да ги спроведува своите закони за животна средина.
• САД и Македонија ќе разговараат за обврските за заштита и спроведување на интелектуалната сопственост, вклучително и за географските ознаки.
• САД и Македонија ќе се ангажираат за решавање прашања поврзани со трудот.
• САД и Македонија ја препознаваат важноста на обврските со високи стандарди за дигитална трговија со цел да се поттикне отворена и конкурентна дигитална економија. Македонија се обврза да не наметнува данок на дигитални услуги и да поддржи усвојување траен мораториум на царински давачки за електронски преноси во Светската трговска организација (СТО).
• САД и Македонија ја препознаваат важноста на олеснувањето на трговијата со услуги. Македонија ја потврдува својата посветеност на Заедничката иницијатива на СТО за домашна регулатива за услуги. САД и Македонија ќе работат на финализирање на договорот, подготовка на договорот за потпишување и преземање домашни формалности пред стапувањето во сила на договорот, се наведува во соопштението од Белата куќа.
Од царини до ЛНГ: Договор што ја редефинира економската позиција на Македонија
Повеќе од извесно е дека новиот трговско-економски договор меѓу Македонија и САД претставува повеќе од класичен билатерален трговски аранжман – тој е сигнал за рефреширање на стратешкото партнерство во време на растечка глобална економска фрагментација. Иако САД ги задржуваат 15-процентните реципрочни тарифи за македонските производи, можноста дел од артиклите да добијат нулта царинска стапка остава простор за селективен раст на извозот. Клучно ќе биде кои производи ќе влезат во таа категорија и дали Македонија ќе успее да ги позиционира своите конкурентни сектори.
Од друга страна, целосното укинување на царините за американските стоки значи поголема изложеност на домашниот пазар на силна конкуренција. Тоа може да создаде притисок врз одредени земјоделски и индустриски гранки, но и да поттикне модернизација и зголемена ефикасност. За македонската економија, вистинскиот ефект ќе зависи од способноста да се приспособи и да ги искористи новите можности наместо само да ги апсорбира ризиците.
Особено значајна е компонентата за зајакнување на синџирите на снабдување, инвестиционите проверки и координацијата во контролата на извозот. Со тоа Македонија се позиционира како дел од поширок западен економски и трговски екосистем, што може да ја зголеми довербата кај американските инвеститори. Во услови кога компаниите бараат стабилни и политички предвидливи пазари, оваа рамка може да ја направи земјата попривлечна како регионална производствена база.
Енергетскиот сегмент во договорот има подолгорочна тежина. Изградбата на гасниот интерконектор со Грција и најавеното купување американски ЛНГ значат диверзификација на снабдувањето и намалување на зависноста од ограничен број извори. Во актуелниот европски контекст, енергетската безбедност е суштинска компонента на економската стабилност.
Дополнително, обврските за високи стандарди во заштитата на животната средина, интелектуалната сопственост, трудовите права и дигиталната трговија ја приближуваат Македонија до напредните регулаторни модели. Поддршката за мораториум на царини за електронски преноси во рамките на Светската трговска организација е позитивен сигнал за ИКТ-секторот и услугите, каде што земјата има потенцијал за раст.
Во геополитичка рамка, договорот ја потврдува ориентацијата на Македонија кон евроатлантскиот блок и ја зајакнува нејзината позиција како стабилен партнер во регионот на Западен Балкан. Во време кога глобалната трговија сè повеќе се обликува според безбедносни и стратешки приоритети, ваквите договори се инструмент за позиционирање во новата економска архитектура. За Македонија, ова значи можност да изгради подлабока економска интеграција со САД, но и обврска внимателно да го балансира отворањето на својот пазар со заштитата на сопствените развојни интереси. И, секако, да го планира својот нареден стратегиски чекор, кога ќе созреат условите за тоа, низ операционализација на најновиот рамковен договор – кон склучување договор за слободна трговија.
Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА
