Предлог-законот за заштита од пушење, кој се очекува да стапи во сила на 1 март, не е рестриктивен, тој е европски. Станува збор за воспоставување на европски стандарди за заштита на здравјето, изјави за МИА министерот за здравство Азир Алиу.
Во моментот, посочи, Министерството за здравство уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употреба на тутунот и другите никотински производи, како и изложеноста на тутунски чад во животна средина.
– Тоа ни е битен момент за да може да се уреди. Исто така, Предлог-законот е усогласен со меѓународните стандарди и целта на законот е унапредување на јавното здравје. Усогласен е со глобалните јавно здравствени политики што ги имаме потпишано како држава и во рамките на таа конвенција за контрола на тутунот која е потпишана Законот не е рестриктивен и истиот е европски. Европските стандарди за заштита на здравјето се воспоставени во овој закон. Преку податоците кои ги добивме од Светската здравствена организација над 45 проценти од возрасната популација пуши, што ја става нашата земја меѓу земјите со највисока стапка во Европа според начинот на користење на цигари или некаков вид тутунски производи, рече Алиу.
Појасни дека е многу битно да се напомене дека освен забрана за пушење во јавни институции, на јавен простор, законот предвидува и забрана за промоција на таков тип производи кои во последно време се промовираат дека се модерни…
– Анализа е направена за дигиталниот простор и каков тип пристап користат компаниите кои произведуваат таков тип производи. Исто така, законот предвидува рестрикции во дигиталниот простор за да не може да се промовираат такви штетни производи за нашето население, истакна Алиу.
На прашање дали вакви слични закони се применуваат во земјите од регионот, рече дека дефинитивно се применуваат и во Европа и во некои земји од регионот.
Според Алиу, целта е населението да се одвикне од пушењето и правилата се јасно дефинирани во сите европски земји.
– Значи истите правила се анализирани и се стандарди во нашиот предлог – закон. Законот не треба да се гледа како рестриктивен, туку како европски закон. Според направените анализи, младите користат некаков тип тутунски производи. Според глобално истражување за употребата на тутун кај младите (Global Youth Tobacco Survey-GYTS) во 2024 година, 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тип тутунски производ. Ова е највисок процент евидентирани млади во државава, рече Алиу.
Тој смета дека со донесувањето на законот за заштита од пушење ќе се придонесе за намалување на бројот на пушачи во државава и за намалување на трошоците за лекување на заболувања предизвикани од пушењето.
– Затоа паралелно со овој закон правиме цела програма за едукација и информации за штетноста и заболувањата кои се поврзуваат со пушењето. И цела 2026 година ќе биде поврзана со имплементација на законот и едукација и информации, особено за младите во нашата држава, додаде Алиу.