Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Клиниката на нефрологија по повод одбележување Светски ден на бубрегот, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите – се грижиме за пациентите и ја заштитуваме планетата“.
Хроничната бубрежна болест претставува сериозен глобален здравствен предизвик, а најчести причини за оштетување на бубрезите се дијабетесот и покачениот крвен притисок.
-Министерството за здравство дава силна поддршка за органодарителството и во континуитет работиме на подигнување на свесноста за значењето на овој врвен чин на хуманост. По тој повод, во соработка со граѓанскиот сектор, досега се одржаа трибини во Охрид и Битола, а на 27 март ќе се одржи и трибина во Штип. Целта на трибините е преку учество на лекари-експерти во областа на трансплантација, пациенти, донори и претставници на верските заедници, да се отвори јавна дискусија за значењето на органодарителството, медицинските факти, законските аспекти, како и за животните приказни на пациентите кои чекаат или веќе добиле трансплантација, посочи министерот Алиу.
Министерството за здравство секоја година спроведува и Програма за обезбедување средства за третман на пациенти со дијализа, со која се опфатени лица на хемодијализа без здравствено осигурување, набавка на вакцини против хепатит Б, како и едукативни активности за превенција.
Во нашата држава околу 85% од пациентите со терминална бубрежна слабост се третираат со хемодијализа, додека околу 15% со трансплантација на бубрег. Во оваа прилика беше упатен апел за подигнување на свесноста за значењето на трансплантацијата, како чин што спасува живот и претставува највисок израз на човечка солидарност.