Здружението „Македониум“ од Белград ќе го одбележи Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со свечена академија вечер од 19 часот во Градската библиотека во Белград.
На настанот ќе биде промовирана книгата „Континуитетот на македонскиот јазик 1“ од проф. д-р Соња Новотни и проф. д-р Михајло Марковиќ, кои ќе одржат и предавање на тема „Македонскиот јазик – пламен на зборот“.
Програмата ќе биде збогатена со музичко интермецо на ансамблот „Македониум“ и со поезија на билингвални поетеси Ангелина Бачева Орбовиќ, Весна Стојкоска и Искра Пенева.
Здружението „Македониум“ соопшти дека речиси 20 години ја промовира македонската култура, уметност, јазик и традиција пред белградската публика, со реномирани гости од Македонија со што, како што соопшти, им дава значење и поголема видливост на уметниците со македонско потекло од дијаспората кои живеат во Белград.