Култура Утре

„Вујко Вања“ прва премиерна претстава во битолскиот театар

Во претставата настапуваат актерите Петар Горко, Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Марија Стефановска, Никола Пројчевски и Валентин Дамчевски.

„Вујко Вања“ прва премиерна претстава во битолскиот театар

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за „Вујко Вања“, првата премиерна претстава во оваа година која ќе се одигра утревечер на големата сцена „Благоја Стефановски-Баге“.

Делото на Антон Павлович Чехов по голема пауза повторно се поставува на сцената на битолскиот театар затоа што има актуелност иако текстот е напишан во 1897 година, истакна Иван Јерчиќ, директор на НУ Народен театар-Битола.

-За жал и денес ништо не сме научиле од пиесите на Чехов. Премиерата е една навидум банална приказна што отвора некои длабоки човечки емоции, отвора длабоки прашања кои треба да се видат како ги презентираат нашите актери, посочи Јерчиќ.

Во претставата настапуваат актерите Петар Горко, Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Марија Стефановска, Никола Пројчевски и Валентин Дамчевски.

-Претставата „Вујко Вања“ зборува за стареењето, за тоа како чувствува еден човек кога е во години и почнува да го преиспитува сопствениот живот. Тагата што не опафаќа кога сме на возраст на која се прашуваме дали правилно го изживеавме нашиот живот, тоа е претстава за загубената љубов и надеж. Преставата е за загубените луѓе кои упорно се борат и да бидат лојални на себе. Нешто слично што денес се случува со нас, кога секој ден секој од нас води своја битка, трудејќи се да биде среќен, истакна Софија Ристевска Петрушева, режисер на претставата.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски Папаза, а композитор Александар Талевски. (МИА)

To top