Концерт на турска џез музика насловен „Виорот на Анадолија“, со настап на турските музичари Анил Шалиел на саксофон и Мареечи Асу на деф, ќе се одржи вечер во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20 часот.
Концертот го организира Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, како заокружување на овогодишната активност, а целта е приближување на турската култура во земјава. Организаторите најавуваат единствена музичка авантура во која се спојуваат звуците на Анадолија со магијата на џезот, незаборавни дела од легендарните уметници Ашик Вејсел и Зеки Мурен оживуваат на Балканот преку џез интерпретации.
Шалиел иако е релативно млад има многу успешна кариера, веќе настапувал со познати џез имиња од светската сцена, учествувал во речиси 2000 студиски снимања, а има и голема сопствeна продукција, со издадени повеќе албуми. Неговиот Проект „166 Дена“ е комбинација од најдобрите аспекти на турската музика и џезот. На прес-конференцијата пред одржувањет на концертот тој истакна дека е многу горд на овој албум, кој предизвика голем интерес и се изучува за докторски студии на многу универзитети. Со настапот во Скопје, вели, ја почнуваат балканската концертна турнеја, која ќе опфати 11 градови низ земјите од регионов.
-Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел, во нов аранжман. Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава, туку театарска презентација. Со нас ќе имаме многу добри изведувачи и ветуваме дека ќе бидете одушевени, порача Шалиел.
Мареечи Асу е меѓународно признат уметник и учител кој се истакнува во магичниот свет на мистичната музика и деф уметноста. Во својата уметничка кариера, учествувал во бројни албуми на мистична музика и реализирал заеднички проекти со важни уметници во својата област. За себе вели дека посочи да работи со суфи музиката, која се обидел да ја спои со рок музиката, а подоцна со Анил турската музика ја споиле со џезот.
-На многуте состаноци разговаравме како старата турска музика да стане модерна верзија. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашност. Не треба да се заборават корените. Мене музиката ми легна на срце, се надевам дека и на публиката во Скопје ќе и се допадне, рече Асу, кој не е само уметник, туку и учител кој одржува обуки за духовна свесност и лична трансформација.
Покрај во Скопје, Анил Шалиел и Мареечи Асу ќе настапат и во Гостивар. Во рамки на балканската турнеја тие ќе посетат повеќе центри во регионот меѓу нив и Сараево, Тирана, Бар, и Белград.